среда, ноември 18, 2026
Дома МАГАЗИН „Зборот на годината“ за 2026 година на речникот Кембриџ нè потсетува на...

„Зборот на годината“ за 2026 година на речникот Кембриџ нè потсетува на она што нè разликува од машините!

0

Речникот „Кембриџ“ го прогласи зборот „човек“ (human) за збор на годината за 2026 година, истакнувајќи дека развојот на вештачката интелигенција поттикна нов интерес за тоа што ги разликува луѓето од машините.

Речникот го дефинира поимот „човек“ како поседување на квалитети, мани и чувства карактеристични за луѓето – за разлика од боговите, животните или машините – објави денеска британскиот весник The Telegraph.

Колин Мекинтош, лексикограф во речникот „Кембриџ“, изјави дека вештачката интелигенција го менува начинот на кој луѓето разговараат за сопствената природа и поттикнува преиспитување на нашата зависност од технологијата – промена што се забележува кај сите, од математичари до наставници.

Според Мекинтош, сè почестата употреба на изрази како „создадено од човек“ (human-made) покажува дека зборот „човек“ (human) сè почесто се користи за да се направат разлики помеѓу човечките креации и особини, од оние што потекнуваат од вештачката интелигенција.

Основачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, истакна дека вештачката интелигенција ги поттикнува луѓето подлабоко да размислуваат за тоа што значи да се биде човек.

Тој напомена дека оваа технологија би можела да помогне во лекувањето болести, подобрувањето на образованието и ослободувањето време за позначајни активности, но предупреди дека луѓето мора внимателно да размислат како ќе ја вклучат во своите животи.

Меѓу другите кандидати за збор на годината беа „агент“ (agent) – што се однесува на систем со вештачка интелигенција способен да извршува сложени задачи без човечки надзор – како и термините „wholesome“ (што означува нешто здраво, позитивно или морално исправно) и „аналоген“ (analogue). Во речникот се додадени и термини од социјалните мрежи, како што се „aura farming“ (обид да се создаде слика за себе како за привлечна или импресивна личност) и „looksmaxxing“ (напор за подобрување на сопствениот физички изглед).

Речникот „Кембриџ“, исто така, размислува за вклучување на акронимот „FOBO“ (страв од застареност/непотребност – *fear of becoming obsolete*), што одразува сè поголема загриженост дека вештачката интелигенција би можела да ги замени човечките работни места.

ИЗДВОЕНИ