Поразот на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ на изборите за градоначалник на Општина Брвеница и нејзиното препукување со коалицискиот партнер Вреди нема да имаат потешки последици врз владината коалиција. Вакви убедувања дојдоа и вчера, од редовите на владејачката партија по прогнозите на повеќе политички аналитичари во земјава дека може да се очекува преиспитување на односите во владината зграда на булеварот „Илинденска“ број 2 во централното подрачје на Скопје. Откако во неделата вечерта, веднаш по соопштувањето на изборните резултати, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, ја обвини Вреди дека била „тројански коњ“, но дека нема да се одрази тоа врз односите во Владата, на иста линија синоќа беше и владината портпаролка, Марија Митева. Според неа, Вреди пропуштила шанса да покаже дека се разликува од ДУИ.
– Вреди ја пропушти можноста да покаже дека се разликува од ДУИ и наместо да се дистанцира од етничката реторика, избра да постапи на спротивен начин. Водевме исклучително позитивна кампања, обединувачка, излеговме со програма, тоа е принципот под кој работиме и тоа е принципот по кој ја бараме довербата. „Една Брвеница за сите“ за нас ќе остане повеќе од слоган, е концепт нешто на кое, и како Влада, ќе продолжиме да работиме, да ја поддржуваме Општината со проекти – посочи Митева во гостување на телевизија „24“.
По крајот на изборите, и во партиското соопштение на владејачката партија се потенцира дека Вреди имала улога на „тројански коњ“, а премиерот Мицкоски објави на социјалните мрежи дека биле „оставени сами“. Сето тоа ги поттикна мислењата на аналитичарите да оценат дека се случило нарушување на довербата меѓу партнерите во Владата.
– Тоа е сериозна порака за нарушена доверба меѓу коалициските партнери. Oва може да се толкува и како криза на меѓусебната доверба, но и како почеток на преиспитување на политичката исплатливост на постојната коалиција. Не би ги потценил овие јавни препукувања. Тие може да бидат симптом на подлабоки политички несогласувања, кои досега биле прикривани со коалициската дисциплина – потенцира аналитичарот Џенур Исени во изјава за весникот ВЕЧЕР.
Но, според Марија Митева, исходот на изборите, сепак, нема да има поголеми последици.
– ВМРО-ДПМНЕ не водела калкулантска политика. Вреди излезе со сопствен кандидат уште во првиот круг. Ако е прашањето дали некако се рефлектира тоа во однос на коалицијата во рамките на Владата, можам да ви кажам не, затоа што и оваа коалиција е владина коалиција базирана на владина програма и институциите треба да продолжат да ја спроведуваат. Вреди имаше можност да покаже дека е поразлична од ДУИ, да излезе од таа етничка реторика и навистина да покаже едно друго светло, но ја пропушти шансата и одлучи да постапува на спротивен начин – рече Митева.
И универзитетскиот професор Александар Спасеновски, во прексиноќешната дебата на МРТ, во емисијата „360 степени“, кажа дека следува преиспитување на односите во владината коалиција.
– Сметам дека настапува период на преиспитување, би рекол, на релациите, на односите во рамките на коалициските партнери. Исходот во Брвеница не може целосно да се објасни со етничка мобилизација, гласањето во одделни населени места покажува поддршка преку етничките линии – нагласи Спасеновски. (Б. Ѓ.)












