Тие се гневни поради тоа што, со години, никој од градоначалниците не презел ништо за решавање на нивниот проблем и се закануваат дека ќе поднесат групна тужба

 

Жителите од улицата „Банско“ на територијата на Општина Кисела Вода реагираат дека нивниот проблем, присутен повеќе од 60 години, сè уште не е решен. Тие упатија потсетување до Општината дека се уште оставени да газат во кал, а во дворовите со години да  прибираат камења по дождовите.

– Несоодветните скали и улица многупати придонеле постари лица да паѓаат и да се повредуваат – се жалат жителите од оваа улица.

Тие се гневни заради тоа што со години никој од градоначалниците не презел ништо за решавање на нивниот проблем и се закануваат дека заради тоа ќе поднесат групна тужба.

– За жал, ниту еден градоначалник не успеа да се справи со семејството Наумови. Повеќе од 60 години луѓето живеат како во село. Срамота за сите досегашни градоначалници. Се надевав дека Орце Горѓиевски ќе биде херојот и дека тој децениски проблем ќе се реши, ама за жал ништо – коментира жител на улицата.

Други, пак, велат дека сè уште се движат по висока трева и оти некој може да биде каснат од змија.

– Да се надеваш е исто како да ти ја запалиле куќата, а ти чекаш дожд да заврне на 40 степени во сред лето – реагираат трети.

Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, во 2022 година, кога беше градоначалник на Општина Кисела Вода ветуваше дека правда ќе има и дека заштитените од системот, овој пат, нема исто да поминат.

Тој тогаш рече дека ќе се оди до крај и нема да има повлекување по никаква цена, дека улицата која беше подготвена за поставување на бекатон плочи ќе се направи, а лицето заштитено од системот кој повторно го узурпира државниот имот и попречува фирмите да си ја завршат својата работа, ќе биде спречено во тоа, бидејќи според ДУП, предвидено е тука да има улица.

Ѓорѓиевски тогаш ги повика и МВР, Обвинителството, како и сите надлежни институции да постапат овој проблем да се реши, да престане самоволието и, како што рече, конечно да се излезе од стегите на корумпираниот систем.

Притоа, вети дека градежните активности ќе продолжат во наредните денови, дека ќе има улица и оти жителите на ,,Банско” ќе можат слободно да се движат. Но, за жал тоа досега не се случи.

Жителите на улицата „Банско“ и во 2022 година реагираа затоа што на местото каде што треба да се движат слободно и да има улица (според ДУП), бил истурен песок и биле паркирани повеќе возила од соседни жители. 

(А. П.)

 

 

ИЗДВОЕНИ