недела, јуни 7, 2026
Дома СКОПСКА Обновен е покривот на домот на Катерина, а се реконструира и внатрешноста

Обновен е покривот на домот на Катерина, а се реконструира и внатрешноста

65

Реконструкцијата на покривот на домот на Катерина во Ченто е успешно завршена. Веќе започнува и реконструкција на внатрешноста на домот, за Катерина и нејзините три дечиња да добијат достоинствени услови за живот, топол дом и сигурна иднина.

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, истакна дека најголемата вредност не е во ѕидовите што се обновуваат, туку во, како што кажа, надежта што повторно се враќа во едно семејство, во насмевките на децата, во вербата дека не се сами и дека некој се грижи за нив.

Тој објави на „Фејсбук“ дека по разговорот со градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, Катерина од оваа недела ќе започне со работа во јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, согласно со нејзината желба.

– Со тоа обезбедуваме не само моментална помош туку и можност за стабилни и континуирани приходи за нејзиното семејство. Вистинската хуманост не е само да помогнеш денес, туку да создадеш услови некој достоинствено да чекори напред и утре. Заедно покажуваме дека кога има човечност, солидарност и искрена желба да се помогне, нема нерешливи проблеми – нагласи Стефковски.

Претходно, Стефковски заедно со пратеничките Жаклина Пешевска и Дијана Илиевска ја посетија Катерина и ѝ однесоа големо количество храна, но започна и хуманитарна акција, со која, заедно со општествено одговорни компании и сите хумани луѓе, им се помага, за да се промени животот на Катерина и нејзините три мали деца.

Во домот каде што живее Катерина со своите деца, нема основни услови за живот, немаат доволно храна, сигурност, но и топлина и се борат за гол опстанок.

Згора на тоа, Катерина е жена која преживеала семејно насилство. Ова е приказна за мајка која секој ден се буди со страв како ќе ги нахрани своите деца. За три мали ангели кои заслужуваат детство исполнето со љубов, насмевки и безгрижност, а не солзи и глад.

(А. П.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ