Селекторот на македонската репрезентација, Гоце Седлоски, го објави списокот на фудбалери за претстојните пријателски натпревари против Босна и Херцеговина и Турција.

Македонија на 29 мај ќе гостува во Сараево, додека на 1 јуни ќе игра против Турција во Истанбул.

На списокот се најдоа 27 фудбалери, а најголемо внимание привлекуваат дури петмина дебитанти кои за првпат добија повик во националниот тим. Станува збор за Дин Аломеровиќ од тимот на Арад, Георгије Јанкулов и Азер Омерагиќ од Вардар, како и Дарко Анѓелески и Дарко Додев од Силекс.

Поради повреди, Седлоски нема да може да смета на Љупче Дориев, Лука Станковски, Егзон Бејтулаи, Марио Илиевски и Димитар Митровски. Дополнително, поради клупски обврски од списокот отпаднаа и Тихомир Костадинов и Андреј Стојчевски.

На списокот повторно се најдоа главните носители на играта како Елиф Елмас, Енис Барди, Бојан Миовски и Столе Димитриевски.

Во нападот шанса добија и Дарко Чурлинов, Елмин Растодер, Милан Ристовски и Омерагиќ, кој зад себе има одлична сезона во дресот на Вардар.

Овие два натпревари ќе бидат важен тест за Седлоски пред следните официјални предизвици на македонската репрезентација.

ИЗДВОЕНИ