Ново поскапување ќе ги удри скопјани по џебовите – сметките за парно од август ќе бидат повисоки, а возачите веќе точат поскапо гориво. РКЕ вели дека покачувањето доаѓа поради поскапиот гас и состојбите на светските пазари. Додека дизелот се искачува кон границата од 100 денари, граѓаните стравуваат дека секое ново поскапување ќе значи уште поголем товар за домашниот буџет. Од Владата најавуваат дека ќе разгледуваат дали ќе има мерки за ублажување на ударот

Регулаторната комисија за енергетика предложи парното греење за корисниците во Скопје да поскапи од 1 август. За корисниците на ЕСМ Снабдување, зголемувањето е 5,96 %, за корисниците на ЕСМ Енергетика или т.н железарско парно поскапувањето е 5,18 %, додека за корисниците на Енерџи Еколинк – поранешно Скопје Север, покачувањето е 3,65 %.
Според пресметките на РКЕ, за просечен стан од 60 квадратни метри сметката за парно греење ќе се зголеми за 140 денари или од 2.353 денари на 2.493 денари.
Тој истакна дека при пресметката, најголемо внимание е посветено на цената на влезната компонента, гасот, а регулаторот имал разбирање и за инфлаторните движења во економија кои ги покачуваат цените на стоките и на услугите.
– Енергетските компании бараа зголемувањето да биде од 30 до 130 проценти, ние им укажавме дека нивните барања се неприфатливи и дека мора да работат на намалување на загубите и на зголемување на ефикасноста. Регулаторот не прифаќа зголемување на вработувања само заради број без да се зголеми конзумот. Имаме кратења кај делот за вработувања од 40 до 50 проценти и не ги признаваме како трошок бидејќи граѓаните на Скопје не се должни да плаќаат неефикасна работа – истакна Арсов.
Ристов појасни дека за корисниците на Енерџи Еколинк е определено најниско зголемување поради тоа што од есен ќе почне со производство на когенеративна енергија и со тоа ќе ги намали производствените трошоци.
И со овие покачени цени, според директорот на РКЕ, Ацо Ристов, и натаму сме со најниски цени во регионот во однос на топлинската енергија.
– Она што е клучно во периодот што следува и што ние го подржуваме е спојување на сите компании на ЕСМ за топлинска енергија, а со цел оптимизирање на ресурсите и зголемување на ефикасноста, што би значело поволна цена за потрошувачите. Она што сакам да го споделам со јавноста се резултатите од направените анализи кои укажуваат дека на годишно ниво, жителите на Скопје кои се греат на топлинска енергија имаат најнизок годишен надоместок, за разлика од жителите на Белград, Љубљана, Софија и Сараево – рече Ристов.
Тој истакна дека цената на централното греење во Скопје е поевтино за 41 % од однос на Белград, за 34 % во однос со Љубљана и за 19,2 % во однос на Сараево.
– Овие пресметки се направени врз основа на прогнозирана цена на гасот до нова година, но ако дојде до поскапување на цената на гасот, пред крајот на годинава ќе утврдиме нова цена на парното греење која би важела од 1 јануари 2027 година – објасни Ристов.
Тој објасни дека сите компании веќе имаат склучено договори за набавка на гас. Ристов истакна дека за една грејна сезона има ново приклучени 1.521 потрошувачи, а вкупниот број на потрошувачи кои се снабдуваат со топлинска енергија во градот Скопје, изнесува 67.494. Истакнаа дека минатата грејна сезона поплаките на граѓаните што стигнала до РКЕ е сведена на само педесетина.
Корисниците на топлинска енергија последните три месеци добиваа порамнителни сметки, од РКЕ велат дека дури кај 90 % од нив биле пониски со одредени исклучоци.
Горивата поскапуваат, дизелот се доближува до 100 денари
Возачите од ноќеска по полноќ ќе плаќаат поскапо гориво. Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ја објави новата одлука според која бензините поскапуваат за три денари, а дизелот повторно оди нагоре – овој пат за 4,5 денари за литар.
Со новите цени, еуросупер БС-95 ќе се продава за 93 денари за литар, еуросупер БС-98 ќе чини 95 денари, додека дизелот стигнува до 98,50 денари за литар.
Од РКЕ велат дека причината за новиот ценовен удар се повисоките референтни цени на нафтените деривати на светските берзи. Претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, објасни дека најголем притисок има кај дизелот, чија цена се приближува до границата од 100 денари.
– Има производство на нафта, но нема доволно производство на нафтени деривати. Се чувствува недостаток на пазарот, бидејќи голем број рафинерии се оштетени во воениот конфликт на Блискиот Исток. Затоа се калкулира со цената на нафтените деривати – изјави Ристов.
Од Владата засега нема нова одлука за ограничување или замрзнување на цените. Оттаму информираа дека ќе разгледуваат дали ќе има дополнителни мерки во текот на неделава. Следната промена на цените на горивата треба да се разгледува на 4 август, веднаш по празникот Илинден.
(С. Бл.)












