недела, ноември 1, 2026
Дома СКОПСКА Се уредуваат јавните површини во Аеродром

Се уредуваат јавните површини во Аеродром

58

Екипите на Јавното претпријатие за комунални дејности на Општина Аеродром секојдневно работат на терен и се грижат за хигиената во Општината.

– Се косат тревниците, се чистат и уредуваат улиците и пешачките патеки, се собира отпадот, а се средуваат и дрвјата и гранките на повеќе локации. Паралелно, продолжува расчистувањето на дивите депонии, со цел создавање почиста, поуредна и поздрава животна средина за жителите на Аеродром. Екипите континуирано работат на терен и навремено интервенираат на локациите каде што има потреба – соопштија од Општината.

Оттаму велат дека во исто време се поставуваат нови и се обновуваат постојните клупи за седење, со што се создава побезбедна, поуредна и попријатна средина за секојдневно живеење и престој, а се спроведува и реконструкција на детските и на спортските игралишта, со што се создаваат подобри услови за игра, спорт и рекреација на најмладите, но и на сите граѓани.

Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, апелира до граѓаните совесно да го фрлаат отпадот и да не создаваат диви депонии, нагласувајќи дека чистотата на Општината е заедничка одговорност.

– Чист и уреден Аеродром е заедничка грижа и придобивка за сите нас. Општината и комуналните служби продолжуваат секојдневно да работат на терен, но за трајно и одржливо решение е неопходно и одговорно однесување од секој поединец – посочи Митески.

За граѓаните што имаат поголемо количество отпад од своите домови, ЈП за комунални дејности на Општина Аеродром стои на располагање за негово преземање и правилно депонирање во ЈП „Дрисла“, за минимален паричен надоместок. Услугата може да се закаже на телефонскиот број 072 270 886.

ИЗДВОЕНИ