Канадскиот премиер Марк Карни сака поблизок однос со Европската Унија и ја проучува можноста неговата земја да стане „придружна членка“ на блокот, објави „Волстрит џурнал“ во неделата. ЕУ, која во минатото не беше флексибилна во врска со членството, сега е отворена за таа идеја, објави весникот, повикувајќи се на анонимни претставници на Унијата и Канада, откако не доби коментар од Канадската амбасада во Брисел и портпаролот на Европската комисија.
Зголемената трговска војна со САД ја поттикна Канада да бара други трговски партнери. Односите меѓу Отава и Вашингтон нагло се влошија поради трговијата и други несогласувања откако Доналд Трамп се врати во Белата куќа минатата година. Сега Канада и ЕУ разговараат за начини да им овозможи на канадските производи, услуги и работници вклучени во стратешките синџири на снабдување, како што се енергијата, вештачката интелигенција, одбраната и клучните минерали, слободно да се движат, што практично би ја поместило границата на ЕУ, пишува „Волстрит џурнал“. Канада и ЕУ разговараат и за поставување подморски кабли, изградба на заеднички информациски центри, инфраструктура за складирање податоци во облак и нови сателитски мрежи, како и за инфраструктура за испорака на канадска енергија во ЕУ, објавува весникот.
Карни, наводно, во неколку наврати разговарал со некои лидери на ЕУ, особено со францускиот претседател Емануел Макрон, за можноста Канаѓаните да живеат и да работат во ЕУ без виза. Канцеларијата на Макрон, без да даде потврда на ова, информира дека средба со Карни треба да се одржи овој месец.












