Трилатералните преговори на техничко ниво меѓу Украина, Соединетите Држави и Русија би можеле да се одржат од 6 до 10 ноември во Абу Даби, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, напоменувајќи дека конечниот датум и местото на одржување на средбата сè уште не се утврдени.
„Планирано е средбата да се одржи во Абу Даби, но, како што знаете, на Блискиот Исток постојат многу различни чувствителни прашања и предизвици. Не знам дали тоа ќе биде токму на тој датум или дали средбата навистина ќе се одржи во Абу Даби, но ние ќе ја поддржиме“, рече украинскиот претседател во интервју за американскиот новинар Тони Перкинс, пренесува „Укринформ“.
Зеленски нагласи дека Украина го поддржува предлогот на американската страна за одржување трилатерални преговори на техничко ниво.
„Пред сè, позитивно е тоа што ќе имаме можност да ги вклучиме Русите во преговори. Благодарни сме ѝ на американската страна за посредувањето за време на нашата средба во Осло. Токму Соединетите Држави предложија средбата да се одржи во ноември“, рече Зеленски.
Украина очекува Вашингтон да го утврди конечниот датум за трилатералните преговори, а Зеленски претходно изрази надеж дека тие би можеле да се одржат пред 10 ноември, според наводите на украинската агенција.












