сабота, октомври 31, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ЗНАМ за Скопје: 13 приказни за 13 Ноември!

ЗНАМ за Скопје: 13 приказни за 13 Ноември!

40

Градската организација Скопје на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија ја започнува кампањата „ЗНАМ повеќе за Скопје и ослободувањето на Скопје“, со која ќе даде свој придонес во одбележувањето на Денот на ослободувањето 13 Ноември.
Според Мирослав Лабудовиќ, претседател на Градаката организација, целта на кампањата е да се афирмираат помалку познатите и подзаборавени историски факти, настани и личности кои оставиле трајна трага во историјата на Скопје, да се зачува колективната меморија и да се доближи историското наследство до граѓаните, особено до младите генерации.
-Скопје е град со вековна историја, кој низ времето преживеал освојувања,
окупации, војни, пожари, разурнувања и големи историски пресврти. Од
Скопското кале, Саат-кулата и Безистенот, до Камениот мост и местата на кои се воделе борбите за ослободување, зад секој историски симбол стојат настани и приказни што заслужуваат да бидат раскажани.

Преку 13 кратки видеоприказни, снимени на различни историски локации низ Скопје, кампањата опфаќа интересни и помалку познати факти за развојот на градот низ вековите, неговото значење како трговско средиште, големиот пожар од 1689 година, како и некогашните визии за неговиот урбанистички развој.

Посебно внимание е посветено на настаните од ноември 1944 година и
антифашистичката борба за ослободување на Скопје. Преку историски факти и лични сведоштва ќе бидат претставени повеќедневните борби низ скопските улици, учеството на народноослободителните единици,
спасувањето на Камениот мост и хидроцентралата „Матка“, како и
приказните за храброста и пожртвуваноста на борците и граѓаните кои се избориле за слободата на градот.

Со кампањата потсетуваме дека 13 Ноември 1944 година не е само датум во историјата, туку симбол на слободата, антифашизмот и жртвите врз кои се темели нашата државност. Негувањето на овие вредности и почитувањето на историската вистина се важен дел од зачувувањето на нашиот идентитет, истакна Лабудовиќ на презентацијата на проектот.

Тринаесетте видеоприказни, додаде,  ќе бидат објавувани во деновите до 13 Ноември, преку официјалните канали за информирање на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.

-Да ги почитуваме жртвите и да не ги заборавиме вредностите на слободата
и антифашизмот. Град што го познава своето минато има посилни темели врз кои ја гради својата иднина. Да го сакаме нашето Скопје!, порача Лабудовиќ во име на ЗНАМ.

ИЗДВОЕНИ