Интернационалниот мајстор од Косово, Ндерим Сарачи, го освои првото место на завршениот петти по ред меморијален турнир во забрзан шах „Венци Попов“ во Гевгелија. Второто место му припадна на македонскиот интернационален мајстор Дејан Стојановски, додека трет беше интернационалниот мајстор Милош Станковиќ од Србија.
На турнирот, кој се играше во чест на гевгелискиот ФИДЕ- мајсторот Венци Попов, учествуваа 150 шахисти од Македонија, Србија, Германија, Грција и од Косово. Во организација на фамилијата Попови и ШК „7 Ноември“, се играше по швајцарски систем, во 9 кола, според правилата на ФИДЕ.
Победникот на турнирот, Сарачи, во изјава за ВЕЧЕР истакна:
– Беше тешко да се освои овој турнир по втор пат, поради тоа што на него учествуваа одлични шахисти од дури пет земји. Најтешко ми беше во осмото коло, кога се сретнав со претставникот на Србија. Во еден момент, бев во изгубена позиција, но најдов сили и начин да го надминам тоа и да победам на крајот. Сакам да им честитам на организаторите за одличната организација, навистина направија добар турнир.
Победникот на турнирот освои 35.000, вториот 25.000, третиот 17.000 денари. Беа доделени и специјални награди од по 3.000 денари за најдобропласиран гевгелиски шахист, најдобар млад играч до 18 години, најдобра шахистка и за најдобар играч над 65 години.
ФИДЕ-мајсторот Венци Попов, во чија чест се играше овој шаховски турнир во забрзан шах, е роден во Гевгелија. Шах научил да игра уште на рана возраст, од својот татко, Душан. Заедно со својата сестра, Нада Попова, изработил табла и шаховски фигури од картон на која играле шах. Бил повеќекратен пионерски, младински и сениорски првак на Гевгелија и трикратен младински шампион на Македонија и победил на многу турнири кај нас и во странство. Бил претседател, играч и тренер на гевгелискиот клуб „7 Ноември“, а настапувал и за повеќе реномирани македонски шаховски клубови.
(Љ.A.)












