недела, јуни 28, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА СЕ ПОВЛЕЧЕ ОД АВСТРАЛИЈА, СЕ СВРТИ ПРОТИВ ЕВРОПСКИОТ МИТРОПОЛИТ: Владика против владика,...

СЕ ПОВЛЕЧЕ ОД АВСТРАЛИЈА, СЕ СВРТИ ПРОТИВ ЕВРОПСКИОТ МИТРОПОЛИТ: Владика против владика, се готви ли нов европски митрополит?

Ако сме 500.000 во Европската епархија, не може дедо Пимен, откако е поставен на таа епархија, 10 години да не е стапнат во Англија. А таму има четири црковни општини. А каноните велат дека ако еден архијереј шест месеци не стапне во својата епархија, во конкретниот случај, држава, му се одзема епархијата – нагласи владиката Петар. Владиката Пимен, пак, денеска не одговори на нашите прашања за коментар за ваквите барања

1628

Создавање нови епархии во дијаспората, посебно во Европската епархија на МПЦ-ОА, бара преспанско-пелагонискиот митрополит Петар, кој неодамна се повлече од управувањето на Австралиско-новозеландската епархија. Ваквото свое барање тој го образложи со тоа што надлежниот европски владика Пимен не работел канонски, односно, не ги посетувал сите европски земји во кои има наши иселеници. Според најавата, барањето за нови епархии ќе биде претставено на следната синодска седница. Синодот на МПЦ-ОА, откако своевремено донесе одлука за создавање на уште една епархија во Австралија, досега не расправал за прашањето за создавање нови епархии ниту, пак, тоа било побарано од некој владика. Во црковните кулоари се шпекулира дека целта на барањето на митрополитот Петар е на тронот на некоја нова епархија да биде избран некој од архимандритите кои му се блиски. Владиката Пимен, пак, вчера не одговори на нашите прашања за коментар за ваквите барања.

Во гостувањето на ТВ Алфа, владиката Петар, кој досега имаше повеќе конфронтации со повеќе други владици и свештеници, сега на тапет го зеде и европскиот митрополит Пимен, кој со својата епархија управува веќе цели две децении.

– Не може на еден владика од дијаспората седиштето да му биде во Скопје. Зборувам конкретно за Европската епархија, која има преку 500.000 верници. А другите цркви во Европа имаат шест-седум епархии, а ние со една епархија. Значи, почнуваме процес пред Синодот за формирање други епархии во дијаспората. Ако сме 500.000 во Европската епархија, не може дедо Пимен, откако е поставен на таа епархија, 10 години да не е стапнат во Англија. А таму има четири црковни општини. А каноните велат дека ако еден архијереј шест месеци не стапне во својата епархија, во конкретниот случај, држава, му се одзема епархијата – нагласи владиката Петар.

Петар го нарече Пимен и лажен владика, алудирајќи на моментот дека тој се извинил за повикот да се гласа на референдумот за прифаќањето на Преспанската спогодба со Грција, бидејќи бил излажан.

– Пимен се покајал. Чекајте, тоа е исто како Ева и Адам. Кога Господ го праша Адам… Адаме да не си јадел од забрнетото дрво и плод… Вика ја не сум виновен, туку виновна е Ева, ти што ми ја даде… Значи Господ е виновен… и што му кажа Господ… Надвор од Рајот… Ако јас како владика лажам, значи јас сум лажен владика и треба да си одам од црквата – изјави владиката Петар.

Во интервјуто, тој го проблематизира и однесувањето на делчевско-каменичкиот епископ Марко бидејќи имал контакти со српскиот владика Андреј кој, пак, ги поддржувал студентските протести во Србија.

– Е, па, сега не може да седите во Скопје, да управувате со цела Европа, а да не знаете што се случува во Малта, дека таму си оди владиката Марко и служи во српска црква… си врши служби… и дава изјави дека ние не сме биле автокефална црква и дека соборот на архиереите не донел таква одлука. Тоа, мислам, е поврзано со оној владика кој управува со Малта, владиката Андреј (СПЦ), кој со уште некои архиереи таму прават проблем со самата српска црква и за кои беше јасно кажано дека биле за опозицијата, за студентските протести што биле таму. И ние сега што праиме? Ќе се здружуваме со другите цркви за да им правиме штети на другите цркви – нагласи владиката Петар.

Неофицијалните црковни извори наведуваат дека вистинската намера на владиката Петар може да се бара и во идејата во некоја нова епархија да биде избран некој од архимандритите што му се блиски. Откако на тронот на Австралиско-новозеландската епархија неодамна беше поставен владиката Никола, кој беше викарен епископ на владиката Патар, сега калкулациите се насочуваат кон архимандритот Серафин од манастирот во Слепче. Минатата година, овој игумен на слепчанскиот манастир, кој е на подрачјето на епархијата на владиката Петар, беше избран за архимандрит, со што му се отвори патот за избор на владика на некоја од епархиите.

Европската епархија, инаку, има повеќе од дваесетина црковни општини во повеќе европски земји и деновиве одржа успешно епархиско собрание. (Б. Ѓ.)

 

Синодот досега не расправал за нови епархии

Синодските правила, инаку, предвидуваат барањата за нови епархии да се изнесуваат на седницата.

– Но, притоа, за тоа е потребно да се изјасни владиката што е надлежен за епархијата за која се бара поделба, но и другите владици. Освен за поделбата на Епархијата во Австралија, Синодот не расправал за ваква тема. Своевремено имаше барање американско-канадскиот митрополит Методиј да организира црковен живот и во Јужна Америка, но тоа не се заврши за да се прошири епархијата. Митрополитот Пимен досега на седниците на кажал дека епархијата му е преголема или дека сака да се подели или, пак, да се повлече поради премореност. Не е тајна дека во Европа имаме сè повеќе наши сонародници и дека има зголемен обем на работа и ангажман – ни изјавија во Синодот на МПЦ-ОА.

ИЗДВОЕНИ