петок, ноември 13, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Со околу 7.000 млади крапови, обновен рибниот фонд на Преспанското Езеро

Со околу 7.000 млади крапови, обновен рибниот фонд на Преспанското Езеро

1

Еден тон подмладок од крап е пуштен во водите на Преспанското Езеро, со што рибниот фонд е дополнет со речиси 7.000 млади единки добиени од икра на матици од самото езеро.

Порибувањето е спроведено од регистрираното мрестилиште „Акватика“ од Неготино и за неговата реализација се обезбедени 500.000 денари од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, преку Програмата за финансиска поддршка во рибарството и аквакултурата за 2026 година.

– Со ова порибување, ја поддржуваме обновата на локалната популација на крап. Ќе продолжиме и во иднина да вложуваме во рибниот фонд и да го штитиме, исполнувајќи ја нашата обврска за зачувување на биодиверзитетот на Преспенското Езеро – истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски.

Инспектори од Државниот инспекторат за земјоделство го следеа порибувањето, вршејќи контрола на вкупната тежина на подмладокот и на бројот на единки пуштени во езерото.

– Ќе ги засилиме контролите на Преспанското Езеро и ќе ја продолжиме соработката со риболовните здруженија за заштита на рибниот фонд преку навремено откривање и спречување на незаконскиот риболов – нагласи директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Ивица Ангеловски.

ИЗДВОЕНИ