Бранителите на реката Дошница повторно најавуваат блокада за да не се гради минихидроцетрала на една од последните чисти реки во Македонија и бараат да се обезбедат средства за нови независни студии за влијанието врз природата, откако му е продолжена дозволата на концесионерот на хидроцентралата. Од Министерството за животна средина велат дека државата не може еднострано да ја раскине концесијата без правна основа, бидејќи тоа би значело можни пенали и судски постапки.
– Пролонгирањето е додека не се најде соодветно решение: дали ќе се остане на договорот, дали ќе има друг начин на реализација или ќе дојде до спогодбено раскинување – објаснуваат од Министерството.
Министерот Муамет Хоџа најави дека во наредните денови ќе се одржат одделни средби и со граѓаните што протестираат и со концесионерот, во обид да се најде решение за спорниот проект
Се враќаат блокадите на Кожуф, во одбрана на реката Дошница, откако Владата го продолжи рокот за изградба на двете мали хидроцентрали „Баров Дол“ и „Папрад“. Екоактивистите предупредуваат дека повторно ќе кампуваат на планината и ќе го спречат внесувањето механизација, додека од Министерството за животна средина велат дека не може едноставно да се раскине концесијата бидејќи постојат законски и договорни обврски.
Од граѓанската организација „Чејнџмејкерс“ велат дека веќе има информации оти концесионерот подготвува внесување механизација со обезбедување, но порачуваат дека нема да дозволат реката да заврши „во цевка“.
– Дошница е наша и нема сила што ќе нè натера да молчиме додека се уништува една од последните чисти реки и природни богатства. Ќе стоиме пред багерите, пред механизацијата и пред секој обид за ставање на Дошница во цевка – велат активистите.
Минатото лето, десетици граѓани и екоактивисти од целата држава со месеци кампуваа на патот кон реката и со блокади го спречуваа почетокот на градежните активности. Сега, по новата владина одлука, најавуваат дека повторно ќе се интензивираат протестите.
Активистите бараат и локалните власти, конечно, да обезбедат средства за нови, независни студии за влијанието врз природата.
– Народот треба да се слушне и да се направат студии. Имавме средба со градоначалникот на Гевгелија, кој кажа дека ќе одвои средства. Ако постои опасност да се уништат ендемските видови, тогаш таму не смее да се гради – велат од „Чејнџмејкерс“.
Според записникот од 143. седница на Владата, Министерството за животна средина добило овластување да потпишува анекси на договорите за концесија за продолжување на роковите за изградба на малите хидроцентрали, доколку застојот не е по вина на концесионерот. Меѓу проектите за кои е продолжен рокот се и хидроцентралите на Дошница.
Министерот за животна средина, Мухамед Хоџа, вели дека концесијата е доделена уште во 2019 година, а договорот за реализација е потпишан во 2022 година.

– Концесионерот има рок до 2027 година да го реализира проектот. Има добиено позитивно мислење и од Општина Кавадарци – рече Хоџа.
Од Министерството објаснуваат дека договорите за концесија се стандардни и важат еднакво за сите инвеститори, а продолжувањето на роковите е законска обврска кога не е предизвикан застојот од самиот концесионер.
– Минатата година, кога добил правосилно одобрение за градење и излегол на терен, бил блокиран. Побарал асистенција од полицијата, а полицијата утврдила дека блокадата е легално најавена. Во таков случај, застојот не можеме да му го препишеме нему – велат од МЖСПП.
Оттаму додаваат дека државата не може еднострано да ја раскине концесијата без правна основа, бидејќи тоа би значело можни пенали и судски постапки.
– Пролонгирањето е додека не се најде соодветно решение: дали ќе се остане на договорот, дали ќе има друг начин на реализација или ќе дојде до спогодбено раскинување – објаснуваат од Министерството.
Хоџа најави дека во наредните денови ќе се одржат одделни средби и со граѓаните што протестираат и со концесионерот, во обид да се најде решение за спорниот проект.
И покрај реакциите на активистите, од Министерството тврдат дека при доделувањето на концесијата биле побарани мислења од локалните институции и граѓани и дека тогаш немало негативни ставови.
– Не може да се каже дека не сме ги зеле предвид реакциите на граѓаните. Но, договорот е склучен во 2022 година – посочуваат од МЖСПП.
Реката Дошница се наоѓа во еден од биолошки највредните делови на Кожуф. Од Министерството потсетуваат дека овој масив веќе е идентификуван како емералд подрачје и потенцијално натура 2000 подрачје, односно регион од европско значење за заштита на биолошката разновидност.
– Кожуф е препознаен како подрачје со висока природна вредност и дел од европските мрежи за заштита на живеалишта и загрозените видови – велат од Министерството.
Дополнително, Кожуф се разгледува и како потенцијален УНЕСКО-геопарк, поради неговите природни и геолошки вредности.
Дополнително, министерот најави дека измените и дополнувањата на Законот за планински патеки наскоро ќе бидат доставени во владина процедура.
– Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за планинарски патеки е веќе подготвен како информација на Владата. Потребата за донесување произлегува од членот 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за туристичка дејност со кој престанува да работи Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и задолженијата на Владата се дека треба да се префрлат дел од тие ингеренции во МЖСПП. Со овој закон се утврдуваат условите и начинот на уредување, одржување, класификација, категоризација и користење на планинарските патеки – беше истакнато на брифингот.
Воедно, беа споделени информации и за Законот за Белчишко Блато, како дел од обврските за заштита на природното наследство и усогласување со европските стандарди.
На брифингот беа споделени и информации за активностите поврзани со воспоставувањето на дигиталниот регистар за загадувачи, при што беше нагласено дека е во тек фазата на законско усогласување за споделување и интегрирање на податоците во постојната база.
Министерството следната недела ќе одржи средби со граѓанските организации од областа на животната средина, како и со компаниите што поседуваат А-интегрирани еколошки дозволи, со цел навремена подготовка за обврските што произлегуваат од новиот Закон за контрола на емисии, што ќе стапи на сила во септември 2027 година.
Министерот Хоџа порача дека транспарентноста и партнерството со јавноста остануваат клучни во процесот на создавање поздрав и поодржлив систем за заштита на животната средина.
(С. Бл.)












