Училиштето „ Димитар Поп Георгиев-Беровски“ во Хром, ќе се доградува. Во присуство на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука, Весна Јаневска, претставници на локалната самоуправа, градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, наставниот кадар, ученици и родители денеска беше поставен камен-темелникот.
Со реализацијата на овој проект, училиштето ќе добие 8 нови училници и 770 метри квадратни нов училиштен простор, со што значително ќе се подобрат условите за изведување на наставата и ќе се создадат можности за организирање на едносменска настава.
Ова е трето училиште во Општина Ѓорче Петров кое добива доградба во период од само еден месец, што претставува силен показател за посветеноста на општината кон унапредување на образованието и создавање современи услови за учениците и наставниците.
Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, истакна дека инвестициите во образованието се инвестиции во иднината на децата и во развојот на целата општина.
– Доградбата на ООУ „Димитар Беровски“ е уште еден конкретен резултат од нашата посветеност да обезбедиме подобри, посовремени и поквалитетни услови за образование – наведе Стојкоски.
Премиерот Мицковски нагласи дека ваквите проекти само се додадена вредност во квалитетот на животот на граѓаните, пред сè на децата, бидејќи како што кажа, сето ова се работи за нив.
– Да го оставиме за нив. Тие се тие што ќе го наследат сето ова што ние го работиме – заклучи тој.
(А. П.)












