четврток, јуни 4, 2026
Дома СКОПСКА Се цртаат паркинг-места за зонското во Ново Лисиче

Се цртаат паркинг-места за зонското во Ново Лисиче

162

Градот Скопје и Општина Аеродром заеднички ќе го решаваат проблемот со воведувањето зонско во Ново Лисиче откако жителите од оваа населба реагираа зошто паралелно не се воспостави и во Реонски Центар и кај нив, иако им било ветено тоа од надлежните.

Поради тоа и се одложи почетокот на зонското во Реонски Центар, кој требаше да се случи на први април годинава.

Град Скопје експресно одговара на реакциите на жителите, па на седницата на Советот на Град Скопје што ќе се одржи утре советниците треба да ја изгласаат предлог-одлуката за воспоставување меѓуопштинска соработка помеѓу Град Скопје и Општина Аеродром за поставување сообраќајна сигнализација и сообраќајно-техничка опрема, во населбата Ново Лисиче, врз основа на утврден режим на сообраќај на улиците и површините наменети за паркирање во урбаните блокови 1, 2, 3, 4, 5 и 6, согласно со планската документација за ДУП градски кварт ЈИ 02, во населбата Ново Лисиче.

Притоа, Градот Скопје, во рамките на оваа меѓуопштинска соработка, ќе учествува со поставување сообраќајна сигнализација (вертикална и хоризонтална), во износ од 3.884.123,40 денари, со вклучен ДДВ. Поставувањето и изведбата на предметната сообраќајна сигнализација ќе биде реализирано од страна на ЈП „Улици и патишта“, во согласност со утврдениот ценовник. Средствата потребни за реализација на оваа одлука Град Скопје ќе ги обезбеди од буџетот на Град Скопје за 2026 година.

Општина Аеродром, пак, ќе учествува со поставување сообраќајно-техничка опрема на патиштата (направи за смирување на сообраќајот) или вкупно проценетата вредност за реализација на меѓуопштинската соработка изнесува 4.111.863,40 денари.

(А. П .)

 

ИЗДВОЕНИ