Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека во рамки на првата фаза е извршена реконструкција и рехабилитација на постојниот коловоз, како и проширување на дел од сообраќајните ленти, со што, како што вели, значително се подобрува проточноста и функционалноста на сообраќајот. Во наредните фази ќе следува изградба на кружен тек кај „Нова Македонија“, уште два кружни текови на потегот меѓу булеварот „Кочо Рацин“ и улицата „Јордан Мијалков“, како и проширување на булеварот „Св. Кирил и Методиј“, чекори кои, како што нагласи Ѓорѓиевски, ќе ја заокружат целината на овој значаен проект

 

Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека е  комплетирана првата фаза од булеварот „Македонија“, со кој Скопје ја добива првата подземна сообраќајница. Според него, се работи за еден од најзначајните и важни инфраструктурни зафати во градот.

Тој наведе дека се поставуваат последните слоеви асфалт на потегот од Стара Рампа до семафорите кај Црвениот крст.

Ѓорѓиевски информираше дека во рамки на првата фаза е извршена реконструкција и рехабилитација на постојниот коловоз, како и проширување на дел од сообраќајните ленти, со што, како што вели, значително се подобрува проточноста и функционалноста на сообраќајот.

– Ова е симбол на новото време со кое Скопје се гради и се развива.Работите се реализираа со засилена динамика, често и во ноќните часови – практика која продолжува и понатаму, како доказ за посветеноста и одлучноста овој град да се менува со конкретни дела. Проектот, кој со години беше оставен во застој, денес добива јасна насока, временска рамка и силна визија за современ урбан развој – нагласи Ѓорѓиевски.

Целокупниот проект ги опфаќа: булеварот „Борис Трајковски“ (кај Рампа), улиците „11 Октомври“ и „Пролет“, како и крак од булеварот „Македонија“ кој се поврзува со следните фази од трасата.

–Улицата „Пролет“ е проширена со дополнителна коловозна лента на потегот од полициската станица „Пролет“ до Тутунскиот комбинат, додека раскрсниците се уредени со нови сообраќајни острови, решенија што значително ја зголемуваат безбедноста на сите учесници во сообраќајот – истакна Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека ќе се изврши и целосно обележување на коловозот, со што овој значаен потег ќе биде целосно подготвен за безбедно и функционално користење.

Во наредните фази ќе следува изградба на кружен тек кај „Нова Македонија“, уште два кружни текови на потегот меѓу булеварот „Кочо Рацин“ и улицата „Јордан Мијалков“, како и проширување на булеварот „Св. Кирил и Методиј“, чекори кои, како што нагласи Ѓорѓиевски, ќе ја заокружат целината на овој значаен проект.

Воедно, паралелно, се работи и на атмосферската канализација, со поставување на повеќе од 60 шахти и сливници – инвестиција која обезбедува долгорочна одржливост и отпорност на инфраструктурата.

Подземната сообраќајница ќе располага со шест ленти, од кои четири за двонасочен автомобилски сообраќај и две за јавен превоз, како и со пешачки патеки.

Со нејзиното ставање во функција се очекува значително намалување на метежот за 33 %, побрзо движење низ централното градско подрачје и создавање побезбеден, поуреден и поудобен урбан простор.

Градоначалникот повтори дека иако подземната сообраќајница како дел од третата фаза е веќе изградена, нејзиното целосно ставање во функција зависи од комплетирањето на сите фази – процес што веќе е во полн ек.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ