– За мене, актерот е човек што живее. Тоа, меѓу другото, значи и да ја соголи душата, да пее кога не е расположен, да коси трева кога го мачи голема мака, да гледа кон небото кога бара излез. Да биде сето она што може да биде еден човек, а понекогаш и она што не знаел дека може да биде. Сѐ друго што можеме да го замислиме и уште многу повеќе. Актерот не е само човек што живее на сцената туку и човек што е одговорен за она што го пренесува преку неа. Актерот има општествена одговорност, не затоа што мора да биде безгрешен пример за публиката, туку затоа што влијае со својата работа врз начинот на кој гледа, чувствува и размислува таа за светот – вели во разговор за весникот ВЕЧЕР актерката од Драмскиот театар Нина Елзесер. Додава дека сето она што го има денес не би било возможно без нејзината наивна љубов што несмасно, но искрено ја истурала врз ликовите од минатото
Сцената на Драмски театар последниве години пулсира во ритамот на една нова, исклучителна актерска енергија. Млада, но со веќе изграден и препознатлив печат, таа брзо стана неизоставен дел од претставите што доминираат на репертоарот на овој театар. Од тешката и сериозна трансформација како Ифигенија во трагедијата „Ифигенија за ништо“, преку забележителната појава како Енона во „Федра“, па сè до брилијантното истакнување како Луси во хит-комедијата „Болва в уво“, таа со секој нов проект докажува дека владее со сцената со зрелост што ги надминува нејзините години. Станува збор за младата актерка Нина Елзесер (родена 1999, во Скопје), која од 2024 година е дел од ансамблот на Драмски театар во Скопје.
Елзесер дипломирала актерска игра во 2017 година, на Факултетот за драмски уметности во Скопје, во класата на проф. Сузана Киранџиска и вели дека љубопитноста за човекот и за неговата природа ја разбудила нејзината љубов кон актерството.
На сцената на Драмски, оваа сезона, таа е актуелна со повеќе претстави како „Фамилијата Адамс“, „Парови“, „Болва в уво“, „Федра“, „Алиса се враќа дома“, а забележителни улоги остварува и во „Ифигенија за ништо“ и во „Драми на принцезите“. Се појавува и во филмскиот проект „Прекини ја нишката“ (2021), во ТВ-сериите „Куќен притвор“ (2022) и „Преспав“ (2019), како и во неколку независни театарски проекти, меѓу кои мјузиклите „Како какао“ и „Архангелот над Скопје“ и претставата „Орестија ¼“. Неодамна ја доби и наградата за споредна женска улога токму за изведбата на Луси во „Болва в уво“ од Жорж Фејдо, во режија на Синиша Евтимов, на фестивалот „Денови на комедијата“ во Куманово. Минатата година (2025), пак, беше прогласена за најпопуларна млада актерка на „Златна бубамара на популарноста“. По тој повод, со Нина Елзесер, во весникот ВЕЧЕР, разговараме за она што значи да се биде актер, за растењето преку оваа професија, која бара многу откажувања и себепреиспитување, до можностите за младите актери.

Што претставуваат признанијата добиени на „Денови на комедијата“ и на „Златна бубамара на популарноста“ за еден млад актер? Ви ги отвораат ли вратите за повеќе театарски проекти, можеби и филмови?
Огромна чест е да се добијат двете признанија. Верувам дека наградите ја зголемуваат видливоста, а со тоа и шансите некој да слушне за мене и да ми даде можност. За мене, ваквите признанија се поттик и охрабрување да продолжам да верувам во она што го создавам заедно со партнерите на сцената. Посветеноста, љубопитноста и истрајноста се она што ни помага да ги држиме отворени вратите што ни се отворија веќе еднаш. Но, можеби, уште поважно од самото отворање врати е да се негуваат односите што сме ги изградиле и довербата што сме ја стекнале. Признанието дека сум на вистинскиот пат ме поттикнува токму на тоа.

На репертоарот на Драмски, публиката може да Ве види во повеќе претстави каде што се истакнува Вашата актерска појава. Толкувате различни ликови, секој со своите карактеристичност и тежина, без разлика дали станува збор за драма, трагедија или за комедија. Кој од овие ликови бараше најмногу вложување, кој Ви е најдраг или со кој, можеби, се поистоветувате?
Секој лик заслужува вложување и љубов. Но, како што стекнувам искуство со секоја нова претстава така постепено учам како да се вложувам подлабоко и да љубам поискрено. Така, секој нареден лик ми станува сѐ подраг, бидејќи преку него успевам да разберам нешто што претходно не сум го разбирала. Сепак, она што го имам денес не би било возможно без наивната љубов што несмасно, но искрено сум ја истурала врз ликовите од минатото. Не би можела да издвојам еден лик. Сите ми се важни. Сите се дел од мене.

Што Ве поттикна да студирате актерска игра и што значи за Вас да се биде актер? Да се соголи душата на сцената пред публика што го забележува и критикува секој збор и гест, да се игра, да се пее и да се смее дури и кога, можеби, не е расположен човек?
Отсекогаш сум била многу љубопитна за човекот и за неговата природа. Веројатно, токму таа љубопитност ме доведе до актерството. За мене, актерот е човек што живее. Тоа, меѓу другото, значи и да ја соголи душата, да пее кога не е расположен, да коси трева кога го мачи голема мака, да гледа кон небото кога бара излез. Да биде сето она што може да биде еден човек, а понекогаш и она што не знаел дека може да биде. Сѐ друго што можеме да го замислиме и уште многу повеќе. Актерот не е само човек што живее на сцената, туку и човек што е одговорен за она што го пренесува преку неа. Актерот има општествена одговорност, не затоа што мора да биде безгрешен пример за публиката туку затоа што со својата работа влијае врз начинот на кој гледа, чувствува и размислува таа за светот.
Од 2020 до 2023 година се реализиравте во повеќе независни театарски проекти. Сега, кога сте дел од ансамблот на Драмски, каква е разликата, освен финансиската сигурност, во однос на независната сцена? Кои се разликите меѓу институционалниот театар и независната сцена во поглед на слободата и на креативноста?
Поинаку го доживувам времето. На независната сцена секогаш имам чувство дека имаме повеќе време. Можеби, тоа е поврзано со начинот на кој се создаваат претставите, со процесот и со просторот што си го даваме за истражување. Сепак, двете искуства ми се важни, бидејќи секое од нив носи поинаков вид слобода, одговорност и можност за учење.

Многу млади актери се жалат дека тешко се доаѓа до филмски улоги во Македонија. Дали го делите ова мислење? Повеќето филмски продукции не организираат аудиции, а слично е и во театрите. Режисерите сакаат да работат со проверена екипа, па изборот често се сведува на исти актери. Дали конекциите и познанствата се клучот за добивање театарски, телевизиски и филмски улоги?
Би сакала да верувам дека сѐ уште постојат професионалци што сакаат да експериментираат, да ризикуваат и да се впуштат во непознато наместо постојано да работат со истите актери. Тажно е што се провлекува потребата од конекции и од познанства низ сите области и професии, како способноста, посветеноста и трудот да не се доволни сами по себе. И тука и во светот. Воопшто не сме мрднале како човештво.

Од 2024 година сте дел од Драмски театар, институција со славна историја, бројни претстави и со актери што оставиле неизбришлива трага во македонската театарска историја. Што значи за Вас да бидете дел од овој театар?
Да се биде дел од овој театар значи голема одговорност. Да се стои на сцената со големи актери и луѓе, да се учи од нив секојдневно, да се минуваат најтешките, но и најубавите моменти на едно место, со сите оние што стојат зад секоја изведба и ја овозможуваат. Тоа значи и постојано да се учи како да се биде подобар, посмел и поблагороден човек.
Која е Нина Елзесер надвор од театарските штици? Ќе откриете ли нешто повеќе за читателите на весникот ВЕЧЕР?
Нина Елзесер надвор од театарските штици е уште еден човек што дошол и ќе си замине.
Наташа Илиевска-Таневски; Фото: Ѕвонко Плавевски












