среда, октомври 21, 2026
Дома СКОПСКА Ѓорѓиевски: Иднината на младите се гради денес – со можности, поддршка и...

Ѓорѓиевски: Иднината на младите се гради денес – со можности, поддршка и доверба

10

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска, заедно со министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, постојаниот координатор на ОН, Рита Колумбија, директорот на НАЛАС, Келменд Заза, како и градоначалници и претставници на локалните власти од земјата и регионот, учествуваа на регионалниот форум во Скопје посветен на локалното лидерство за млади, мир и безбедност.

– Како градоначалник на Скопје и претседател на ЗЕЛС, верувам дека нашата одговорност започнува со подготвеноста да ги слушнеме младите и да им дадеме вистински простор да учествуваат во одлуките. Нивните идеи, потреби и предизвици мора да бидат дел од политиките што ги создаваме, затоа што тие најдобро знаат со какви пречки се соочуваат и какви промени очекуваат во своите средини. Токму во нашите општини се гради довербата во институциите, чувството на припадност и сигурноста дека секој има еднаква шанса. Затоа ни се потребни активни младински совети, достапни младински центри и службеници за млади кои ќе бидат вистинска врска меѓу младите и локалната власт. Особено внимание мора да им посветиме на младите кои се соочуваат со сиромаштија, исклученост или нееднакви можности. Секој заслужува поддршка, почит и можност да го оствари својот потенцијал – изјави Ѓорѓиевски.

Градоначалникот Ѓорѓиевски на форумот ја истакна и важноста на соработката меѓу ЗЕЛС, Министерството за социјална политика, демографија и млади и Националниот младински совет на Македонија.

– Преку Мрежата на службеници за млади, размената на искуства и јакнењето на нивните капацитети, создаваме услови младинските иницијативи полесно да стигнат до институциите и да се претворат во конкретни дела. Остануваме посветени на посилна поддршка за младите и на создавање безбедни и отворени заедници, во кои секој млад човек ќе има можност да напредува. Младите заслужуваат да знаат дека тука има место за нивните идеи, труд и амбиции – рече Ѓорѓиевски.

Тој упати честитки до петте наградени општини од регионот, чии практики покажуваат како младинското учество придонесува за помирни, побезбедни и посолидарни заедници, а изрази и благодарност до УНДП, НАЛАС и сите партнери за поддршката и заедничката работа.

 

ИЗДВОЕНИ