четврток, октомври 22, 2026
Дома LIFE Децата во Хрватска ги чуваат македонскиот јазик и култура – Далеку од...

Децата во Хрватска ги чуваат македонскиот јазик и култура – Далеку од татковината, но блиску до корените

1
Во Пула, децата преку дружење, учење и заеднички културни активности ја потврдија својата поврзаност со македонските корени, истовремено запознавајќи го богатото историско и културно наследство на Истра. Проектот го осмислија наставничките по македонски јазик, Деспина Белчовска-Велинска, Сашка Соломоновска-Јаневска, Маја Јовановски и Милена Георгиевска, а негов подносител е Македонското културно друштво „Св. Кирил и Методиј“ во Пула. Реализацијата е поддржана преку кофинансирање од Министерството за наука и образование на Република Хрватска

 

Илјадници километри можат да нè оддалечат од татковината, но не и од јазикот, културата и традицијата што ги носиме во себе. Токму оваа порака ја испрати проектот „Колаж на македонската култура – Вкусови и простори на Македонија и Истра“, кој од 16 до 18 октомври ги обедини учениците што го изучуваат македонскиот јазик по Моделот Ц од повеќе градови во Хрватска.

Во Пула, децата преку дружење, учење и заеднички културни активности ја потврдија својата поврзаност со македонските корени, истовремено запознавајќи го богатото историско и културно наследство на Истра. Посетата на Пулската арена, прошетката низ градот со стручно водство и приемот во Градската палата беа дел од тридневната програма, која им овозможи на учениците да учат преку непосредни искуства, да создаваат пријателства и да откриваат сличности меѓу културите.

Но, зад овие активности стои многу повеќе од еден проект. Стои посветеноста на наставничките кои, далеку од Македонија, секојдневно работат македонскиот јазик да остане жив, присутен и близок до новите генерации.

Проектот го осмислија наставничките по македонски јазик, Деспина Белчовска-Велинска, Сашка Соломоновска-Јаневска, Маја Јовановски и Милена Георгиевска, а негов подносител е Македонското културно друштво „Св. Кирил и Методиј“ во Пула. Реализацијата е поддржана преку кофинансирање од Министерството за наука и образование на Република Хрватска.

„Нашата најголема вредност се децата. Ние, наставничките, го негуваме коренот, а тие се иднината што ќе ги пренесува македонскиот јазик, културата и традицијата. Сакаме да растат горди на своето потекло, но и отворени кон културата на земјата во која живеат“, истакнува наставничката по македонски јазик од Пула и водителка на проектот, Сашка Соломоновска Јаневска.

Во рамките на програмата, учениците беа примени и во Комуналната палата од заменик-градоначалникот Вито Паолетиќ и началничката Паола Орлиќ, со што беше потврдена важноста на културната размена и меѓусебното запознавање.

„Колажот на македонската култура“ покажа дека татковината не е само географско место. Таа живее во зборовите што ги изговараме, песните што ги пееме, традициите што ги негуваме и вредностите што им ги пренесуваме на нашите деца.

Далеку од Македонија, но со Македонија во срцето – така растат новите генерации што ги чуваат македонскиот јазик и идентитет во Хрватска, вели Соломоновска Јаневска.  (Р. В.)

 

 

ИЗДВОЕНИ