Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека до крајот на годинава се очекува да започне процесот на проширување на капацитетите за третман на бездомни кучиња, можеби на нова локација, бидејќи постојниот објект на ЈП „Лајка“ не може да се доградува поради урбанистички ограничувања.
Според Ѓорѓиевски, Град Скопје има обезбедено финансиски средства за проширување на капацитетите.
– Постоечката локација е на диво изградена во минатото и деталниот и генералниот урбанистички план не дозволуваат да го прошириме капацитетот таму. Бараме друга опција и верувам дека до крајот на оваа календарска година ќе започнеме со процес на доизградба на капацитети, можеби на друга локација што моментално ја утврдуваме – истакна Ѓорѓиевски.
Градоначалникот посочи дека градските служби работат на изнаоѓање соодветно решение кое ќе овозможи подобри услови за згрижување и третман на бездомните кучиња и поефикасно справување со овој долгогодишен проблем во главниот град.












