Најдобриот македонски кикбоксер, Бобан Илиоски, направи спектакуларно деби во најсилната кикбокс-организација GLORY, победувајќи го фаворизираниот Ајмане Латифи со технички нокаут уште во првата рунда. Со овој триумф, тој испрати силна порака на меѓународната сцена и најави дека има сериозни амбиции за продолжението од својата кариера.
Во разговор за весникот ВЕЧЕР, Илиоски отворено зборува за својот најголем сон, најтешките моменти во кариерата, жртвите што ги бара професионалниот спорт и за психолошката подготовка пред влегувањето во рингот. Открива што би сакал да остави зад себе кога ќе ја заврши кариерата, дали доживеал неправди во кикбоксот и каква порака има за младите што сонуваат да станат шампиони еден ден.
Прво, раскажа кој е неговиот најголем сон.
- Мојот најголем сон е да станам светски шампион во GLORY и да ја претставам Македонија на највисоко можно ниво во светскиот кикбокс. За да стигнам до тоа, потребни се многу работа, дисциплина, жртви и верба во себе. Секој ден тренирам со таа цел и верувам дека со правилна подготовка, силен тим и со посветеност можам да го остварам мојот сон – почна Илиоски.
Секој спортист, па и секој човек има тешки моменти во животот. Така било и кај нашиот Илиоски, но не дозволил тие моменти да го насочат на сосема поинаков пат.
- Имало тешки моменти, повреди и периоди кога физички и психички не било лесно. Но, никогаш не сум дозволил тешкотиите да ме натераат да се откажам од она што го сакам. Кикбоксот ме научи дека вистински шампион не е оној што никогаш не паѓа, туку оној што секогаш наоѓа сила повторно да стане. Секој тежок момент ме направил посилен и помотивиран – вели Бобан.
Тој потоа зборуваше и за тоа што се случува во главата на еден борач неколку секунди пред да почне мечот, од страв до адреналин или целосна концентрација.
- Во тие неколку секунди, има од сè по малку: адреналин, возбуда и огромна концентрација. Секако дека постои одредена тензија, бидејќи влегуваш во рингот против противник што, исто така сака да победи. Но, во тој момент мораш да ги оставиш сите сомнежи настрана и да се фокусираш на она за што си работел со месеци. Кога ќе почне мечот, остануваме јас, противникот и сè што сум подготвувал во салата – додава Илиоски.
За него, секоја борба е нова лекција, па затоа нема противник што му останал во сеќавање, односно што му задал најмногу проблеми досега.
- Секоја борба е различна и секој противник носи свој предизвик. Најмногу те учат оние борби во кои мораш да се приспособиш, да размислуваш брзо и да се бориш до последната секунда. Не би издвоил само едно име, бидејќи од секој противник сум научил нешто ново. За мене е важно секоја борба да ме направи подобар борач и да ми помогне да напредувам – вели кикбоксерот.
ФОТО: П. Стојановски
Тој потсети колку жртви бара животот на професионален кикбоксер – од исхраната и тренинзите до приватниот живот и семејството.
- Професионалниот кикбокс бара огромни жртви. Исхраната, тренинзите, одморот и одржувањето на тежината мора да бидат под контрола. Често мораш да се откажеш од работи што се нормални за другите луѓе, а понекогаш имаш и помалку време за семејството и за пријателите. Но, кога имаш голема цел, знаеш зошто го правиш тоа. Голема улога има и поддршката од најблиските бидејќи без неа, патот е многу потежок – смета Бобан.
И покрај тоа што му се резултатите во прв план, тој сака да го паметат луѓето и како чесен човек, дисциплиниран и со почит кон другите, да биде вистински пример за младите спортисти.
- Секако дека сакам да ме паметат по резултатите, титулите и по успесите што сум ги постигнал, но уште поважно ми е да ме паметат како човек што бил чесен, дисциплиниран и со почит кон сите. Медалите и победите се важни, но карактерот е она што останува. Би сакал да бидам пример за младите дека со труд, посветеност и со верба во себе може да се стигне далеку, без притоа да се заборави од каде си тргнал – изјави Илиоски.
За да бидеш најдобар, треба да ги одмериш силите со најдобрите. Така е во главата и на најдобриот кикбоксер.
- Би сакал да се борам против најдобрите во светот, затоа што токму таквите борби покажуваат до каде си стигнал и колку навистина вредиш. Не се плашам од предизвици, бидејќи мојата цел е да се натпреварувам на највисоко ниво. Сакам да се борам со најдобрите, да учам од секој меч и да докажам дека и борач од Македонија може да биде меѓу светската елита – вели тој.
Спортот понекогаш носи и големи неправди со себе.
- Во спортот, како и во животот, не секогаш сè оди онака како што очекуваш. Понекогаш имаш чувство дека си заслужил повеќе можности или поголемо признание за трудот што си го вложил. Но, не сакам да се задржувам на неправдите и да барам изговори. Верувам дека најдобриот одговор е да продолжиш да работиш, да победуваш и да ги натераш луѓето да го препознаат твојот квалитет. Мојот фокус е на иднината и на она што допрва сакам да го постигнам – се присети шампионот.
Дебитираше во GLORY, на спектакуларен начин, победувајќи го фаворизираниот Ајмане Латифи со технички нокаут уште во првата рунда. Дали и самиот очекуваше ваков расплет и што мислиш, дали ќе промени оваа победа во твојата кариера на меѓународната сцена?
- Секогаш влегувам во рингот со цел да победам, но во кикбоксот никогаш не можеш однапред да знаеш како ќе се одвива борбата. Знаев колку сум работел и колку сум подготвен, па верував во моите можности. Победата со технички нокаут против Ајмане Латифи на моето деби во GLORY е огромен успех и многу важен момент во мојата кариера. Мислам дека оваа победа е силна порака дека сум подготвен за највисокото ниво и дека можам да се справам со најдобрите. Сепак, ова е само почеток. Не сакам да живеам од една победа, туку да продолжам да напредувам, да добивам нови борби и да се доближувам до мојата крајна цел: да станам шампион на GLORY – има Илиоски јасна цел.
За крај, тој имаше и порака за младите во Македонија што сонуваат да станат шампиони.
- Би им порачал да веруваат во себе и никогаш да не се откажуваат од своите соништа. Но, само со желба не се станува шампион, потребни се работа, дисциплина, трпение и многу одрекувања. Ќе има тешки денови, порази и моменти кога ќе мислат дека не можат повеќе, но токму тогаш се гради вистинскиот карактер. Да ги слушаат своите тренери, да го почитуваат противникот и секој ден да се трудат да бидат подобри од вчера. Јас сум доказ дека и од Македонија може да се стигне до големата светска сцена. Важно е да имаш сон, но уште поважно е да работиш секој ден за да го оствариш – заврши најдобриот македонски кикбоксер.
Кристијан ТРАЈКОВСКИ











