До 1 ноември Еуродрам и Театар Комедија организираат средби, сценски читања, преведувачка работилница, панел-дискусии, промоции на книги и театарски претстави на кои ќе присуствуваат 60 меѓународни гости од 28 земји: драмски автори, преведувачи, режисери, драматурзи, издавачи, театарски уметници, истражувачи и други професионалци
Скопје е домаќин на Генералната асемблеја на Еуродрам – Европската мрежа за драма и превод, која годинава се одржува во знакот на 25-годишнината од основањето на мрежата, а на настаните (читања, работилници, дискусии, промоции, претстави) кои ќе се одржуваат до 1 ноември ќе присуствуваат 60 меѓународни гости од 28 земји: драмски автори, преведувачи, режисери, драматурзи, издавачи, театарски уметници, истражувачи и други професионалци. Програмата ја организира Еуродрам во партнерство со Театар Комедија – Скопје, кој е главен домаќин на манифестацијата. Покрај работните состаноци на мрежата, предвидена е јавна програма посветена на современото драмско творештво, книжевниот и театарскиот превод, издавањето драми и нивното претставување пред нови публики. Настаните ќе се одржуваат во Театар Комедија, Европска куќа – Скопје, „Лабораториум“ и книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“.
Свеченото отворање на Генералната асемблеја e утревечер (28 октомври), во 20:00 часот, во Театар Комедија, пред изведбата на претставата „Ивона, принцезата од Бургунд“ од Витолд Гомбрович, во режија на Билјана Радиноска и Александар Ивановски. Присутните ќе ги поздрави Едмонд Сотир, директор на Театар Комедија, а драматургот Дарко Јан Спасов ќе го претстави новото издание „Каталог на македонски драми во избор на Еуродрам, 2001–2026“ од Иван Додовски. Каталогот содржи хронолошки преглед на 32 избори, со 30 различни драми од 18 македонски автори, како и посебен дел со биографии на 15 автори и подетални претставувања на 26 драми. Наменето е за преведувачи, режисери, издавачи, истражувачи и сите заинтересирани за македонското драмско творештво и неговото меѓународно претставување. На отворањето ќе биде претставено и изданието „Библиографија на драмски текстови од македонски автори преведени на странски јазици“, подготвено од Шенај Мандак. По претставувањето на публикациите ќе се обрати Иван Додовски, претседател на Еуродрам, кој ќе зборува за јубилејот и за Генералната асемблеја во Скопје. Во име на мрежата, тој ќе му врачи плакета на основачот Доминик Долмие, во знак на благодарност за неговата визија и за 25 години посветена работа. Претходно истиот ден, од 10:00 часот, во Европска куќа – Скопје ќе се одржи работилницата „Занаетот на драмскиот превод“, наменета за избрани учесници. Ментори се преведувачите Александер Зицман од Виена, Катерина Шекутковска од Скопје и Фроса Пејоска-Бушро од Париз, а модератори Спасов и Додовски од Македонскиот комитет на Еуродрам.
Денеска, 27 октомври, пак, од 18:30 часот, во барот „Бистро“ на Театар Комедија, ќе се одржи промоција на книгата „Зад мене белина“ од Мартин Кушеј, еден од најзначајните современи австриски театарски и оперски режисери во германското јазично подрачје и претходен директор на „Бургтеатарот“ од Виена. Книгата е преведена на македонски од Спасов и Додевски. Ќе говорат Тина Махкота, Ѓорѓи Јолевски и Мартин Кушеј. На 29 октомври, од 13:00, во Европска куќа – Скопје е предвидена панел-дискусијата „Драми преку границите: криза, отпорност и зајакнување“, организирана во партнерство со Канцеларијата на „Креативна Европа“ во Скопје. Панелот ќе го модерира Елизабет Шустер, театарска кураторка и координаторка на Германскиот комитет на Еуродрам. Ќе учествуваат Јулија Скибицка, театарска истражувачка и координаторка на Украинскиот комитет; Татија Мтварелидзе, театарска истражувачка, преведувачка и координаторка на Грузискиот комитет; Анамарија Бјанко, истражувачка и координаторка на Арапскиот комитет на Еуродрам; Владимир Јанковски, писател и издавач; и Билјана Прентоска, раководителка на Канцеларијата на „Креативна Европа“. Подоцна дента (29 октомври), од 15:00 часот, во Театар Комедија ќе се одржи првото сценско читање на текстови од изборите на Еуродрам, со модераторката Катерина Коцевска. На почетокот ќе им бидат врачени сертификати на тројцата македонски автори чии драми беа избрани во 2026 година: Владимир Јанковски за „Џинови и џуџиња“, Митко Чешларов за „Кој сум јас?“ и Драгана Лукан Николоски за „104“. Второто сценско читање, посветено на современата романска драма, ќе се одржи на 30 октомври, од 15:00 часот, во Театар Комедија. Истиот ден претходно, од 12:30, во „Лабораториум“ ќе биде претставено француското издание на драмата „Јас, на некое друго место“ од Ана Ристоска Трпеноска, со разговор во кој ќе учествуваат Доминик Долмие, Фроса Пејоска-Бушро и авторката. Во сабота, пак, 31 октомври, од 11:00 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, ќе се одржи панелот „Зошто да се објавуваат драми?“, модериран од Бисера Бендевска. Ќе учествуваат Несторас Пулакос од „Вакхикон“ – Атина, Златко Видачковиќ од „Казалиште“/„Културни клуб“ – Загреб, Бранка Бугариска од „Арс Ламина“ – Скопје и Доминик Долмие од „L’Espace d’un instant“ – Париз. Меѓународните гости ќе имаат можност во Театар Комедија да проследат и шест претстави, преку кои ќе се запознаат со различни авторски и изведувачки пристапи на скопската театарска сцена и тоа: „Парови“ од Ана Ристоска Трпеноска, во режија на Ивана Ангеловска, на Драмски; „Слепци“ од Морис Метерлинк, во режија на Ќендрим Ријани, на Турски театар – Скопје; „Ало, ало!“ од Дејвид Крофт и Џереми Лојд, во режија на Синиша Евтимов, на Театар Комедија; „Избраниот“ од Ева Камчевска, во режија на Јане Спасиќ, на Театар Комедија; „Пар распар“ од Нил Сајмон, во режија на Нина Николиќ, на Театар Комедија.

Европската мрежа Еуродрам, основана во Париз во 2001, денес обединува повеќе од 300 театарски професионалци во 33 јазични комитети, поврзувајќи драмски и театарски култури од Европа, Централна Азија и Медитеранот. Целта на мрежата е да ја промовира современата драма во превод и да ја направи достапна за театарските професионалци и публиката. Работата на мрежата се одвива во наизменичен двегодишен циклус. Во парните години, комитетите избираат оригинални драмски текстови на своите јазици и ги препорачуваат за превод на други јазици. Во непарните – избираат преведени драми, со цел да го поттикнат нивното објавување и поставување во сопствените јазични средини. Изборите на Еуродрам се повод за нови преводи, публикации, сценски читања, професионални соработки и театарски продукции.












