Последната вечер од годинашното, дваесет и прво издание на камерниот фестивал „Златна лира“ (28 октомври, 20:00 часот) ќе биде заокружена со концертот на дуото Александра Коцевска и Глигор Гелебешев. На концертот ќе претстават разновидна вокална програма што ги обединува францускиот музички колорит на Морис Равел, творештвото на македонските композитори Сотир Голабовски и Љубомир Бранѓолица и лирската експресивност на шесте романси од Џузепе Верди. Музичкото дуо на мецосопранот Александра Коцевска и на пијанистот Глигор Гелебешев од 2015 година гради едно од поконтинуираните камерни партнерства на македонската концертна сцена. Нивните програми ги поврзуваат вокалната и пијанистичката литература во широк стилски распон – од оперски арии и соло-песни до шпански и сефардски мелос и современи композиции.
Традиционално, и оваа година свеченото затворање на фестивалот ќе биде обележано со доделувањето на наградата „Златна лира“, која ја доделува Сојузот на музички уметници на Македонија за животно дело и за најзначајни достигнувања на полето на музичката интерпретација во изминатата година.

Наградата „Златна лира“, која ја доделува СМУМ за врвни уметнички достигнувања во текот на минатата година, оваа година ја добива пијанистката Даница Стојанова за своите исклучителни уметнички остварувања и за посветеноста на промоцијата на македонското музичко творештво на меѓународната сцена. Даница Стојанова е истакната пијанистка и музички педагог со долгогодишна концертна кариера во Македонија и во странство. Како солист, има настапувано со Македонската и со Видинската филхармонија и се има претставувано со солистички рецитали пред публиката во бројни европски земји, САД, Малезија и во Узбекистан. Особено значајно место во нејзината уметничка дејност заземаат изведувањето и афирмацијата на дела од македонски композитори, кои редовно ги вклучува во своите концертни програми. За својата уметничка и педагошка работа е добитничка на повеќе признанија, меѓу кои и наградата „Георги Божиков“ од СОКОМ за најуспешна изведба на дела од македонски композитори, како и специјалното признание од Фондацијата „Томислав Зографски“ за промоција на македонското музичко наследство. Со доделувањето на наградата „Златна лира“, СМУМ ги вреднува уметничкиот придонес на Даница Стојанова, нејзината континуирана посветеност на интерпретацијата на македонската музика и нејзината улога во претставувањето на македонската музичка уметност пред меѓународната публика.
Наградата „Златна лира“ за животно дело, пак, постхумно ѝ се доделува на истакнатата македонска пијанистка и музички педагог, Рита Трпчева-Поповиќ, како признание за нејзиниот исклучителен придонес во развојот на македонската музичка уметност, концертниот живот и за музичкото образование. Трпчева-Поповиќ ѝ припаѓа на генерацијата македонски музички уметници што со својата долгогодишна изведувачка и педагошка дејност оставија значаен белег во македонската музичка култура. Нејзината богата концертна дејност опфаќа солистички и камерни настапи на бројни фестивали и концертни сцени во Македонија и во странство. Паралелно со концертната кариера, таа развивала и исклучително значајна педагошка дејност. Нејзината посветеност на музичкото образование се огледува во работата со бројни генерации млади пијанисти, од кои многумина постигнале значајни резултати на домашни и на меѓународни натпревари и изградиле сопствена музичка кариера. Низ повеќедецениската уметничка дејност, Трпчева-Поповиќ се афирмирала како сестрана пијанистка, посветен камерен музичар и педагог, чиј придонес се препознава и во развојот на македонската изведувачка практика и во создавањето нови генерации музички уметници. Со постхумното доделување на наградата „Златна лира“ за животно дело, СМУМ им оддава признание на нејзиното богато уметничко наследство, долгогодишната посветеност на музиката и трајниот придонес што го остави Рита Трпчева-Поповиќ во македонската музичка култура.












