Доајенката на македонската театарска сцена, актерката Соња Михајлова, е годинашна добитничка на највисокото општинско признание „4 Ноември“ за животно дело, што Општина Битола традиционално го доделува за Денот на ослободувањето на градот. Таа е актерка со богат репертоар, со десетици улоги кои оставиле траен печат во македонскиот театар. Нејзината преданост, длабочината на интерпретација и неуморната љубов кон сцената ја врежаа не само во историјата на Битолскиот театар туку и во колективната меморија на македонската културна јавност.
Михајлова е родена на 14 октомври 1958 во Битола. По завршувањето на средното образование во гимназијата „Јосип Броз-Тито“ во Битола, се запиша на Факултетот за драмски уметности во Скопје, каде што дипломира во класата на проф. Љубиша Ѓоргиевски. Вработена е во Народниот театар од Битола од 1984 година, а се пензионира во 2022 година. Таа сѐ уште е активна на својата најсакана сцена – Битолскиот театар. Првенка е во ансамблот на НТБ, ангажирана низ годините во водечкиот репертоар на НТБ, со исклучителен придонес во афирмација на НТБ и македонскиот театар надвор од нашата земја. Во текот на актерската кариера има одиграно повеќе од 150 лика, на матичната сцена и надвор од неа, во претстави и театарски дела.

Од  репертоарска година (2024/25), за споменување се претставите „Куфер“ и „Жиголо“ и „Едмонд“ со кои таа продолжи да работи, а со тоа и да влијае врз естетиката и стандардите на македонскиот театар. Нејзиниот опус е валоризиран со истакнати признанија и награди, меѓу кои и Наградата за животно дело на МТФ „Војдан Чернодрински“, како и бројни награди на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“, на ИФАД „Стоби“, на „Охридско лето“ и други.

Паралелно со сценските остварувања, Михајлова дава пример за професионализам и менторска поддршка на помладите генерации, освојувајќи ја публиката и поттикнувајќи го развојот на македонската култура како носителка на културни вредности и обележје на театарската историја. На филмските и телевизиските гледачи им е позната од „Бушавата азбука“, „До балчак“, „Кајмак“ и други проекти.

ИЗДВОЕНИ