Националната програма за достоинствена работа 2026–2030 година предвидува реформи на пазарот на трудот, унапредување на работничките права и поголеми можности за младите и за жените. Премиерот Христијан Мицкоски, на потпишувањето на програмата, истакна дека целта е создавање поквалитетни и посигурни работни места, со праведни плати и можности за професионален развој во земјата.
Тој нагласи дека меѓу главнитпредизвици се недостигот на квалификувана работна сила, иселувањето на младите и неусогласеноста меѓу образованието и потребите на стопанството.
– Не сакаме младите да ја гледаат својата иднина единствено надвор од својата татковина. Сакаме тука да ја добијат својата прва шанса, да градат кариера и да ги остваруваат своите амбиции. Мораме да создадеме и повеќе можности за економско зајакнување на жените и за нивно поголемо учество на пазарот на трудот – рече Мицкоски.
Програмата, изработена во соработка со Меѓународната организација на трудот (МОТ) и со социјалните партнери, предвидува реформи во трудовото законодавство, модернизација на институциите, зајакнување на инспекцискиот надзор и развој на вештини според потребите на пазарот. Предвидени се и мерки за поддршка на малите и на средните претпријатија, зголемување на продуктивноста и намалување на неформалната економија.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, истакна дека приоритети се унапредувањето на работничките права, развојот на вештините и поголемото вклучување на младите и на жените. Тој посочи дека успехот на програмата ќе се мери преку конкретните подобрувања што ќе ги почувствуваат работниците и компаниите.
Директорката на МОТ за Централна и за Источна Европа, Клер Харасти, нагласи дека заедничката соработка е клучна за создавање поквалитетни работни места и за поотпорен пазар на трудот.
– Со заедничка работа можеме да создадеме квалитетни работни места, да ги зајакнеме институциите на пазарот на трудот и да го поддржиме развојот на одржливи претпријатија – изјави Харасти.
Програмата е усогласена со рамката на Обединетите нации за соработка за одржлив развој 2026-2030 година и ги поврзува реформите на пазарот на трудот со целите за одржлив развој и европска интеграција.
Мицкоски порача дека спроведувањето на програмата треба да донесе конкретни резултати за граѓаните, поголема сигурност за работниците и повеќе можности за младите и за жените.












