Според Иван Ивановски, жител на Битуше, потребен е модел што ќе овозможи редовно одржување, соодветна содржина и повторно отворање на печатницата за посетителите. Локалните ентузијасти побараа од надлежните постојана институционална грижа, како и да се разгледаат сите опции за зачувување на оваа куќа во која се печателе историски документи  

 

Првата илегална партизанска печатница, „Гоце Делчев“ во Битуше, продолжува да тоне во заборав, чекајќи трајно решение што ќе го спаси објектот од понатамошно пропаѓање. Пожарот што се случи во дворот на куќата на 16 јули годинава го актуализираше децениското запоставување на овој значаен споменик на Народноослободителната борба, но, како што велат мештаните, конкретни чекори до денес сè уште нема. Иако со брзата реакција на локалното население огнот тогаш не се проширил и не предизвикал поголема штета на објектот, сепак евидентно е неговото секојдневно пропаѓање.

Жителите на Битуше и локалните ентузијасти кои побараа од надлежните институции да се разгледаат сите опции за зачувување на оваа куќа, во која работела првата илегална партизанска печатарска машина на која се испечатени историски документи и првите броеви на „Нова Македонија“, „Млад борец“ и на „Македонка“, велат дека е потребна постојана институционална грижа.

Тие и претходно се ангажирале за зачувување на печатницата, учествувајќи во обновувањето на објектот, санацијата на покривот и во уредувањето на просторот. Биле поставени и спомен-плоча за паднатите борци од НОБ и биста на народниот херој Тихомир Милошески-Тиќо. И покрај овие напори, објектот со години се соочува со недостиг од соодветна грижа.

– Општината треба да се гордее со еден ваков меморијален музеј и да помогне во неговото обновување – порача Иван Ивановски, жител на Битуше кој во неколку наврати испраќал писма до градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше, предупредувајќи за состојбата, но бил упатуван до надлежните институции.

Просторот околу објектот во меѓувреме е расчистен и се очекува средба со градоначалникот за да се најде конечно решение за неговото понатамошно одржување.

– Внатре има можност за поставка со предмети од тој период, а објектот би требало да се даде на користење на некој што ќе може да се грижи постојано за него, со цел да се зачува. Ние како месна заедница немаме финансиски средства. Досега имаме добиено помош од Музејот на Македонија, но пред неколку години – посочува Ивановски.

Тој додаде дека наскоро очекуваат средба  со градоначалникот, на која ќе ги дадат предлозите.

Според него, потребен е модел што ќе овозможи редовно одржување, соодветна содржина и повторно отворање на печатницата за посетителите.

Од Националниот конзерваторски центар посочуваат за весникот ВЕЧЕР дека недостигот од кадар ја отежнува заштитата. Директорот Александар Јорданоски вели дека пред десетина дена имале средба со градоначалникот на Маврово и Ростуше, на која била посочена потребата од одржување на печатницата.

– Имаме проблем со кадарот. Немаме доволен број луѓе, така што голем број објекти што претставуваат културно наследство се во лоша состојба. На Националниот конзерваторски центар му се потребни 90 луѓе, а во моментот располагаме со 50, што не е доволно за да можеме да интервенираме насекаде. Според нашите сознанија, објектот не е оштетен, но потребно е да се расчисти и да се одржува. Ако треба, повторно ќе се сретнеме со градоначалникот и ќе го повториме барањето. Исто така, и мештаните би требало да се сретнат со градоначалникот и да се договорат за понатамошните чекори – вели Јорданоски.

Покрај евентуалните конзерваторски интервенции, редовното одржување и координацијата меѓу институциите, локалната самоуправа и жителите се клучни за долгорочно зачувување на објектот. Мештаните очекуваат најавените средби да резултираат со конкретни мерки, а не само со нови ветувања.

Инаку, партизанската печатница „Гоце Делчев“ била формирана на 6 ноември 1942 година, во Битуше и е првата илегална партизанска печатница во Македонија. До јуни 1943 година, во неа се печателе прогласи, билтени, извештаи, брошури и други материјали за потребите на Централниот комитет на Комунистичката партија на Македонија, Главниот штаб на Народноослободителната војска и на партизанските одреди на Македонија.

Во неа биле отпечатени Манифестот на Главниот штаб на НОВ и ПОМ, првите броеви на „Нова Македонија“, „Млад борец“ и на „Македонка“, како и првиот дел од зборникот „Македонски ослободителни песни“ од Кочо Рацин.

Објектот бил избран поради местоположбата, близината на шумата и распоредот на просториите, кои овозможувале безбедна работа. И покрај акциите на окупаторските сили, печатницата не била откриена. Во јуни 1943 година била префрлена во партизанската база на Лопушник.

По ослободувањето на Македонија, куќата била конзервирана и реставрирана, а во 1961 година во неа била поставена постојана историска и етнолошка изложба. Како меморијален музеј, свечено била пуштена во употреба во 1970 година. Оригиналната дрвена печатарска преса по војната била пренесена во Воениот музеј во Белград, каде што се наоѓа и денес.

Битуше има особено место во историјата на НОБ. Од селото потекнува народниот херој Тихомир Милошески-Тиќо, петмина жители се носители на Партизанска споменица од 1941 година, а 38 жители ги загубиле животите во Втората светска војна.

Од овие причини, заштитата на печатницата го надминува локалното значење. Таа е дел од историската меморија на Македонија и сведоштво за создавањето и за ширењето на пишаниот збор во воените години. (Д. Т.)

ИЗДВОЕНИ