По изборната победа на „Студентската листа“ на предвремените парламентарни избори во Србија, Хрватска очекува преземање одговорност за настаните од 1990-тите години, отворање на архивите и процесуирање на воените злосторства. Според хрватските претставници, ваквите чекори би покажале подготвеност за прифаќање одговорност за „големосрпската агресија врз Хрватска“.
Гордан Јандроковиќ (ХДЗ), претседател на Хрватскиот сабор, изјави дека се надева оти Србија сега ќе ги анализира настаните од 1990-тите и ќе преземе одговорност за нив.
Одговарајќи на новинарско прашање дали Србија, по изборите, би била подготвена да соработува во врска со исчезнатите лица и воените злосторства, Јандроковиќ рече дека „треба да почекаме и да видиме“. Тој додаде дека некои поединци, кои зборуваат во име на победничката „Студентска листа“, тврделе – конкретно во однос на Хрватска – дека „имаме различни наративи за 1990-тите години“.
„Постои само една историска вистина. Тоа многу добро го знаеме. Се надевам дека таму конечно ќе се направи анализа на она што се случувало во текот на 1990-тите и дека ќе преземат одговорност за тие настани“, изјави синоќа Јандроковиќ, пред состанокот на Претседателството на Хрватската демократска заедница (ХДЗ).
Сепак, тој напомена дека е прерано за заземање дефинитивни ставови, бидејќи е „тешко да се предвидат следните чекори“.
„Ќе видиме, откако ќе назначат премиер и министри, како и во која насока ќе се движи Србија“, рече Јандроковиќ, опишувајќи го изборниот резултат како „очекуван“. Потпретседателот на Владата и министер за хрватски бранители, Томо Медвед, вели дека очекува новата влада во Србија да ги отвори архивите и да ѝ ги достави на Хрватска бараните информации.
Тој ја повика победничката листа – откако ќе биде формирана владата – да ги отвори архивите што некогаш биле под надлежност на Службата за државна безбедност, а сега се под надлежност на српската безбедносно-разузнавачка заедница, „за да можат да ни го достават она што сме го барале многу пати во текот на изминатите десет години“. „Нека ова биде јасен чекор напред, различен од сè она на што сме сведочеле во текот на овие многу години, и нека со тоа покажат дека се подготвени да се соочат со својата улога во ’големосрпската‘ агресија врз Хрватска“, изјави Медвед.
Понатаму, тој очекува да продолжи гонењето на одговорните за воени злосторства, пренесоа хрватските медиуми.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ вчера изјави дека разговарал со Илија Срдановиќ, носителот на изборната листа „Студентите победуваат“, за да му честита за победата, а тој исто така изрази очекување дека односите меѓу Хрватска и Србија ќе се подобрат откако ќе биде формирана новата влада.












