Казанџиството како занает оставило траен белег во повеќе градови во Македонија, особено во Скопје, Прилеп, Велес, Охрид, Кратово, Струмица, Битола, Штип и други. Во некои од нив имало и посебни улици посветени само на казанџиството. Иако занаетот главно е исчезнат или многу малку е сочуван, имињата на улиците се сочувале. Казанџискиот занает имал видно место и во Скопската чаршија. Според записите од минатиот век, постоела и казанџиска чаршија, на просторот каде што и денес се наоѓа улицата „Казанџиска”. Се смета дека на почетокот на дваесеттиот век имало единаесет казанџиски дуќани, но според кажувањата на старите скопјани и на мајсторите во записите на скопскиот хроничар Данило Коцевски, во периодот помеѓу двете светски војни тој број бил сигурно поголем

 

Казанџиството како занает оставило траен белег во повеќе градови во Македонија, особено во Скопје, Прилеп, Велес, Охрид, Кратово, Струмица, Битола, Штип и други.

Во некои од нив имало и посебни улици посветени само на казанџиството. Иако занаетот главно е исчезнат или многу малку е сочуван, имињата на улиците се сочувале.

Имињата „Казанџиска улица” или „Казанџиска чаршија” можат да се сретнат и денес. Во некои градови се чести и презимињата „Казанџи”. Тоа зборува за моќта на овој занает, кој спаѓал во металопреработувачките и кој заедно со неколкуте други занаети се одржал на нашите простори подолго време.

Овој вид производство ги задоволувал најосновните животни потреби, но подоцна, со неговото усовршување и со естетскиот изглед на предметите, нивното поседување значело и своевиден имотен и граѓански престиж.

Иако постоел и пред тоа време, се смета дека казанџиството на нашите простори, онака како што го познаваме денес, доаѓа со османлискиот период. Оттогаш потекнува специфичната изработка на предметите, естетски богатата иконографија аплицирана на нив, која им давала посебна специфика, функционалност и убавина.

Казанџискиот занает имал видно место и во Скопската чаршија. Според записите од минатиот век, постоела и казанџиска чаршија, на просторот каде што и денес се наоѓа улицата „Казанџиска”. Се смета дека на почетокот на дваесеттиот век имало единаесет казанџиски дуќани, но според кажувањата на старите скопјани и на мајсторите во записите на скопскиот хроничар Данило Коцевски, во периодот помеѓу двете светски војни тој број бил сигурно поголем.

Како што пишува Коцевски, за казанџиските производи бакарот главно се добивал од Солун, но и од некои други места каде што се екплоатирал, како што е случајот со градот Кратово.

– Необработениот бакар се добивал во „штици” или т.н. „ластри”. Една штица била тешка од 4 до 8 оки. Стариот бакар се топел во парчиња и така бил обработуван. Од растопениот, растегнат и „чукан” бакар се изработувале најразлични садови. Интересен е податокот дека растопениот бакар бил дистрибуиран во специјални ѓулиња или „ѓулчиња”, кои се обработувале понатаму. Според една пресметка, во Скопје, пред еден век, се трошеле од 20 до 25 илјади оки бакар за само една година – навел Коцевски.

Тој опишува дека врз специјална железна подлога, бакарот се чукал и по неколку пати, со алатка наречена „чекач-џиле”. Така, исчуканиот бакар се измивал со течноста витриол и се плакнел со чиста вода. Потоа бакарот повторно се ковел со специјален „шакра-чекан”. По ова удирање на „шакра”, на садот се ставале рачки, тој се „калаисувал” и се продавал.

Според истражувањето на Елизабета Конеска од Музеите на Македонија, во својот магистерски труд, односно во книгата „Бакарни садови во Македонија од османлискиот период” (Скопје, 2000 година) во Прилеп биле изработувани најубавите ѓумови во Македонија, во Скопје тепсии и казани, во Штип мангали, итн. Заради развиеното овоштарство и лозарство во Македонија, познати биле и казаните за печење ракија, кои биле произведувани во повеќе градови. Воедно се произведувале и казанџиските бакарни производи, и тоа за домашна употреба. Најпрвин – садови за подготвување храна – котли, тенџериња, цедалки, големи саани со капаци, потоа садови за послужување – синии, саани, табли – послужавници, сефер-тасови, кутии за шеќер и кафе, ѓумови…

Како што наведува Коцевски според записите од почетокот на дваесеттиот век, тие садови биле чисти и калаисани однатре, со убав, светнат бакарен изглед однадвор.

– Се вели дека, во старо време, многу од бакарните садови биле чувани во специјални полици во домот како украсни предмети. Според народните обичаи, бакарните садови се купувале и за свадбените обичаи. На денот на свадбата, се случувало невестата да добие од 20 до 40 видови бакарни садови. Таа традиција траела сè до појавата на порцеланот и на порцеланските производи – пишува Коцевски.

Како што може да се види од историјата и од спецификите на занаетот, казанџиството и калајџискиот занает биле тесно поврзани. – Највозбудливата приказна за казанџискиот занает во Скопје ми ја има раскажано мајстор Панче Тодоровски. Неговиот татко Стојче бил познат казанџија во периодот помеѓу двете војни, а занаетот го учел уште во турско време кај казанџијата Ате (Атевски) во сегашната казанџиска улица, тогашна казанџиска чаршија. Мајстор Панче раскажува дека казанџиството е еден од најтешките занаети, се работело од утро до мрак – раскажува Коцевски.

Тој открива и дека кафеаните „Кај сердарот” и „Сношти минав” во чаршијата, се всушност, некогашните казанџиски дуќани во кои работеле браќата Тодоровски, синовите на некогашниот скопски казанџија Стојче.

Ете, така раскажува историјата, но така раскажува и сегашноста за казанџискиот занает, кој оставил траен белег во времето, како еден од најпознатите и најмоќните еснафи во градот.

(А. П.)

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ