понеделник, август 24, 2026
Дома СКОПСКА Додека Градот ја уредува пешачката зона на кејот, други ја нагрдуваат

Додека Градот ја уредува пешачката зона на кејот, други ја нагрдуваат

52

Град Скопје започна голема акција за целосно уредување на пешачката зона на кејот на реката Вардар, на потегот од Лисиче до Влае.

Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, објави дека во рамките на акцијата се заменуваат уништените подни плочки, се нивелираат нерамните површини и темелно се санира секое оштетување, со цел кејот повторно да биде безбеден, функционален и достоинствен простор за сите генерации.

– Уште од почетокот на мојот мандат започнавме сериозно да го враќаме животот на кејот. Изградивме нови спортски терени, поставуваме современа урбана опрема, а во тек е и големата акција за темелно расчистување на коритото на реката Вардар на територијата на Скопје – наведе Ѓорѓиевски.

Тој нагласи дека кејот е едно од најпосетените и најомилените места на скопјани.

– Тука се спортува, се рекреира, се создаваат пријателства и се минуваат драгоцени семејни моменти. Затоа, неговото уредување не е само обврска, туку наша одговорност кон секој граѓанин – дециден е  скопскиот градоначалник.

И додека градските власти преземаат акција за уредување на кејот, бевме сведоци како други го нагрдуваат. Имено, вработен од службата за одржување на хигиената, додека ја чистеше улицата во Маџир Маало што поминува паралелно со кејот, во еден момент, кантата во која го собираше ѓубрето ја префрли преку кејскиот ѕид и ја истури директно во зеленилото на пешачката патека на кејот каде што секојдневно ја користат илјадници скопјани. Со оглед на тоа дека покрај пешачката патека имаше повеќе такви купчиња отпад, најверојатно истиот вработен додека ја чистел улицата, ѓубрето, наместо во контејнер, секој ден го истурал на пешачката патека на кејот.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ