Внукот на советскиот шпион, Рафаел Глуксман, ја објави својата кандидатура за претседател на Франција како левичарски кандидат.
„Да, јас сум кандидат на претседателските избори. Дали ќе ја предадеме нашата земја на крајната десница? Соочен со таков избор, не можев да останам настрана“, изјави Глуксман за француската телевизиска станица ТФ1, пренесе британскиот Телеграф.
Глуксман, проевропски пратеник кој предводеше водечка левичарска алијанса на изборите за Европскиот парламент во 2024 година, каде што освои 14 проценти од гласовите, е богат и добро поврзан член на парискиот естаблишмент.
Неговиот дедо, Рубин Глуксман, работел како советски шпион во Франција, Германија и Велика Британија, каде што се претставувал како бизнисмен.
Рафаел Глуксман студирал во „Саенс По“, високообразовна институција со седиште во Париз, која е плодна почва за идните лидери на земјата, пред да започне кариера како новинар и режисер на документарни филмови. Неговата кандидатура доаѓа во време кога политичката класа на Франција се враќа од летниот одмор и се подготвува за поларизирана претседателска трка пред претседателските избори во април-мај 2027 година.
Иако ги критикуваше некои од економските политики на сегашниот француски претседател Емануел Макрон, Рафаел Глуксман застапуваше слична проевропска, проукраинска линија, позиционирајќи се како цврст бранител на либералната демократија.












