понеделник, август 24, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ШТО СЕ КРИЕ ЗАД ПИ-АР СТРАТЕГИИТЕ ЗА СЕКОЈДНЕВНИ ОБРАЌАЊА НА ЈАВНОСТА? Партиската...

ШТО СЕ КРИЕ ЗАД ПИ-АР СТРАТЕГИИТЕ ЗА СЕКОЈДНЕВНИ ОБРАЌАЊА НА ЈАВНОСТА? Партиската војна со пресови и соопштенија ја голта вистината

Веќе со месеци, јавноста во Македонија е сведок за жестока медиумска битка на најголемите партии од власта и од опозицијата, со цел да се наметне нивната вистина за најважните настани какви што се труењето на водата во Гостивар, пожарот во тетовската болница, конфронтациите околу Изборниот законик, запрената евроинтеграција... „Целта на ова што се случува не е само информирање туку одржување на одредена тема во медиумите поради потесен партиски интерес или некоја цел. Со постојано повторување, партијата сака да наметне пошироко во јавноста како да се толкува некој проблем, објаснува комуникологот Сеад Џигал

0

Кој е виновен за труењето на гостиварскиот водовод и петте илјади тамошни граѓани, кој за пожарот во тетовската модуларна болница во која живи изгореа 16 граѓани, кој за недонесувањето на Изборниот законик заради што Македонија загуби најмалку четири милиони евра, кој е предавник околу односите кон бугарското вето за македонските евроинтеграции… Сето ова се општествени теми кои во изминативе месеци доминираа во македонската јавност. Со право, со оглед на нивната важност и значењето. Граѓаните, кои се најзасегнати со последиците на случувањата, бараат и заслужуваат да добијат вистински одговори од надлежните институции. Но, кога тие ќе стигнат, најчесто и по неколкугодишното чекање, прашање е дали, на крајот, го добиваат она во што ќе можат и да веруваат. А во создавањето на таквата недоверба, најголем придонес го имаат клучните и најголемите политички партии во земјава кои секое сериозно случување во земјава го толкуваат со свои партиски диоптрии, интереси, ставови… Па, оттаму, и серијали на партиски прес-конференции, соопштувања на ставови, убедувања на јавноста во нивното толкување на настаните и причините за нив. Би се кажало дека тоа е нормално за дејствување на политичките партии. Но, кога за една иста тема и повод се држат десетици партиски прес-конференции и обраќања до јавноста, кога до медиумите секојдневно се праќаат по десетици соопштенија со исти ставови, исти реченици, исти квалификации… тоа веќе како да ги надминува границите на нормалното партиско дејствување. Се чини, таквата ненормалност се случува во земјава веќе подолг период и за што треба да следи прашањето за мотивите и целите на таквото партиско дејствување.

Комуниколозите се согласуваат дека граѓаните се изложени на силно и зачестено пласирање на партиски ставови, посебно од страна на најголемата владејачка партија, ВМРО-ДПМНЕ, и на најголемата опозициска партија, СДСМ. Системот на дејствување е речиси идентичен: секојдневни прес-конфренции, секојдневни десетици соопштенија, исти фрази, исти аргументи… Комуникологот Сеад Џигал смета дека тука веќе не може да станува збор само за информирање на граѓаните.

– Најчесто целта на ова што се случува не е само информирање туку и одржување на одредена тема во медиумите поради потесен партиски интерес или некоја цел. Со постојано повторување, партијата сака да наметне пошироко во јавноста како да се толкува некој проблем. Орвел вели дека мислата се контролира преку јазикот и значењата на зборовите. Покрај ваквото условно контролирање на наративи, често клучна целна група е сопственото гласачко тело, кое ваквите информации и наративи треба да ги прифаќа некритички за да биде дел од самата група, во овој случај член или поддржувач на партијата. Десет прес-конференции на иста тема може да предизвикаат медиумско заситување, но темата е повторно вест. Клучно е што со нив партиите контролираат што е вест, а не новинарите и медиумите, кои треба да бидат свесни за ова и внимателно да ги покриваат пресовите и информациите од нив – објаснува овој комуниколог во изјавата за весникот ВЕЧЕР.

Повторувањето како амортизација

Примери за ваквото дејствување на партиите во изминативе месеци се бројни. Откако Јавното обвинителство реши да ја запре истрагата за пожарот во тетовската модуларна болница, опозицискиот СДСМ веќе со серија прес-конференции бара извинување од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ поради неоснованите обвинувања кон нивниот лидер, Венко Филипче.

– Потонаа сите лаги на ВМРО и на Христијан Мицкоски за модуларната болница – да им се извинат на граѓаните за пет години ширење лажни вести – постојано соопштува оваа партија.

Наспроти ова, од владејачката партија со денови повторуваат дека на одлуката ѝ кумувал обвинителот Ислам Абази и дека Филипче е и натаму виновник.

– Филипче во време на здравствена криза не мислел на пациентите, туку како преку модуларните болници да го наполни џебот, Абази уште го штити –нагласуваат од ВМРО-ДПМНЕ во серијалот на партиските прес-конференции.

Сличен е и примерот со труењето на водата во Гостивар. Откако првично се утврди изворот на загадувањето во градскиот водовод, откако беа приведени неколку осомничени лица, се случува серијал на меѓупартиски обвинувања околу тоа кој е виновен.

– СДС бега од вистината, а таа е дека заедно со гостиварскиот градоначалник Лимани ја делат локалната власт, а со тоа и одговорноста за Гостивар. СДС не побара одговорност од Лимани, а уште помалку ја призна сопствената политичка одговорност како негов партнер во локалната власт – нагласуваат во низа соопштенија од редовите на владејачката партија.

А од СДСМ постојано, и со исти рефрени, одговараат дека одговорноста за труењето на водата е кај власта.

– Надлежните од државни институции во својство на службени или одговорни лица, не презеле дејства и мерки за заштита на здравјето и спречување на последиците од загадувањето на водата во Гостивар – соопштуваат од оваа партија откако поднеле кривична пријава против четворица државни функционери.

За комуниколозите, ваквиот нивни партиски однос кон наодите на државните институции можат да бидат и своевиден обид за амортизирање или засилување на значењето на одлуките на државните органи.

– Таквите партиски ставови можат да бидат притисок врз институциите, но често и да симулираат одредена партиска политика или став преку медиумска презентација, а во заднина да постојат сосема различни позиции или активности. Исто, ако одлуката е неповолна за партијата, повторувањето на одредена интерпретација може да служи за нејзино амортизирање. На пример, наместо јавноста одлуката да ја гледа како правен или институционален чин, партијата се обидува да ја претстави како политички мотивирана, неправедна, селективна или како дел од некаков заговор – наведува Сеад Џигал.

Напад по секоја цена и во секое време

Примери за маратонски меѓупартиски препукувања имаше и околу префрлувањето на вината околу недонесувањето на измените во Изборниот законик. Владејачката партија постојано ја обвинува опозицијата дека таа е причината заради неисполнувањето на обврската од европската Реформска агенда. Познато е, опозициската партија категорично не се согласува со барањето на владејачката партија да се овозможи електронско гласање за нашите сонародници од странство. Кон крајот на минатата и на почетокот на годината беше забележен и случај кога владејачката партија, во тек од четириесетина дена, одржала вкупно 28 прес-конференции посветени исклучиво на темата на односот на СДСМ кон поранешниот вицепремиер Артан Груби и неговата партија ДУИ. Сето тоа отвора и дилема дали во ваквата стратегија се наоѓа и истовремено водење на партиски кампањи.

– Да, очигледно се работи за водење кампања. За жал, постојаната кампања кај нас е нормализирана во последните 15-тина години. Таа подразбира дека политичките партии не ја ограничуваат комуникациската борба само во изборниот период, туку постојано се обидуваат да ја одржуваат својата видливост, да ги напаѓаат противниците, да ги промовираат сопствените теми и да влијаат врз јавното мислење, но особено да влијаат врз рејтингот на  својата партија како и на своите опоненти – нагласува комуникологот Џигал во изјавата за весникот ВЕЧЕР. (Б. Ѓ.)

 

Збивање на партиските редови и демотивирање на неопределените гласачи

Комуникологот Џигал објаснува дека ваквите партиски стратегии имаат две клучни цели.

– Клучен комуникациски ефект е збивање на своите партиски редови и демотивирање на неопределените гласачи да бидат политички активни преку заситување од т.н. партиски препукувања. И двете цели им погодуваат на интересите на партиите кои затоа со години ги повторуваат како практика. Ова не е специфично за Македонија. Постои потврдена практика на чести партиски соопштенија, пресови и пораки во земји, како на пример, Австрија, Данска, Германија, Ирска, Холандија, Полска, Шпанија, и редица други. Сепак, оваа комуникација е различна, како и политичката култура во овие земји која е подобра и повеќе фокусирана на јавниот интерес. Во Македонија, комуникациски, фокусот е на нанесување штета на противникот и најчесто доминираат деструктивноста, селективноста во пренесување на информациите и манипулацијата со нив – нагласи Џигал.

 

ИЗДВОЕНИ