Полицијата во Скопско во последните денови евидентирала три случаи на насилство, во два од нив жртви се жени кои пријавиле физички напади, а во третиот случај жена пријавила дека подолг период била физички и психички малтретирана од сопругот, кој упатувал закани и кон нивните малолетни деца.
Во Полициското одделение Петровец, во неделата 40 минути по полноќ, 41-годишна жена од Скопје пријавила дека два дена претходно, на 21 август околу 14:30 часот, била физички нападната од друга жена.
Според пријавата, нападот се случил во домот на нејзиниот партнер во скопско, а за нападот ја посочила Н.К., исто така од Скопје.
Истиот ден, во попладневните часови, 53-годишна скопјанка пријавила дека била физички нападната од својата сестра во семејниот дом.
Од СВР Скопје информираат дека случајот бил пријавен на 23 август во 15:30 часот. Жената навела дека нападот се случил еден ден претходно, околу 18 часот, по претходна расправија со сестра ѝ.
Во трет случај, 35-годишна жена од скопско пријавила семејно насилство од страна на својот сопруг. Таа во полиција го пријавила случајот на 23 август во 16:30 часот.
Според нејзиното сведоштво, таа подолг период била физички и психички малтретирана од 34-годишниот сопруг. Жената навела дека на 13 август, во семејниот дом во скопско, по претходна расправија, тој агресивно се однесувал и упатувал закани кон неа и нивните малолетни деца.












