понеделник, август 24, 2026
Дома КОЛУМНИ КОЛУМНА, ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ: Филтер за тогите

КОЛУМНА, ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ: Филтер за тогите

1

Секогаш кога политичарите ќе го споменат зборот „реформа“ во правосудството, на секој што барем еднаш влегол во судница му се крева косата на главата бидејќи во македонскиот политички речник реформата никогаш не значела воспоставување систем, туку обична партиска чистка и наметнување нова контрола врз тогите. Меѓутоа, состојбата во која се наоѓа македонското правосудство денес, доверба која се мери во едвај забележливи проценти и со историски највисока перцепција за корупција, бара итна, радикална и немилосрдна реформа. Прашањето што се поставува веќе не е дали е потребна евалуација на работата на судиите и обвинителите, туку кој и како смее да ја спроведе за таа да не се претвори во нов партиски суд или во уште еден фарсичен колегијален штит за заштита на статус кво.

За да се разбере како треба да изгледа вистинската евалуација, прво мора јасно да се дефинира кој НЕ смее да припари до тој процес. Извршната власт мора да биде целосно исклучена, бидејќи кога политиката оценува судии, правото престанува да постои и станува обично административно претставништво на власта. Но, еднакво опасна грешка би било овој процес да им се препушти на затекнатите институционални филтри. Досегашните искуства недвосмислено покажаа дека токму Судскиот совет и Советот на јавните обвинители станаа главниот извор на партиските мешетарења, трговијата со влијание и клиентелистичките унапредувања и избори на судии и обвинители. Наместо да бидат бедем на независноста, овие две тела се претворија во сигурни куќи за заштита на неодговорноста и партиските послушници. Веднаш зад нив, рамо до рамо, чекори и Академијата за судии и јавни обвинители, која наместо фабрика за интегритет, одамна стана компромитирана проточна трака за партиско кадрирање, сомничави приемни испити и електронски скандали.

Евалуацијата мора да ја врши посебно, строго деполитизирано тело, чиј состав нема да зависи од волјата на ниту една политичка гарнитура ниту од компромитираните совети. Во него треба да влезат исклучиво луѓе кои немаат никаков личен, кариерен или партиски интерес од исходот на оценувањето. Тоа значи пензионирани судии и обвинители кои зад себе имаат беспрекорни кариери и заминале во пензија без ниту една дисциплинска постапка, без ниту еден застарен предмет за висока корупција и без дамка врз професионалниот интегритет. Покрај нив, во ова тело задолжително мора да има место и за истакнати, прекалени адвокати со искуство од најмалку 20 години кои најдобро ги чувствуваат аномалиите на правосудството од првата линија на фронтот, универзитетски професори од катедрите за процесно и материјално кривично право кои во последните десет години немале никаква политичка или државна функција, како и странски експерти од Европската Унија и ОБСЕ, кои веќе учествувале во слични процеси во регионот.

Изборот на членовите на ова тело не смее да биде плод на партиски пазарења во Собранието. Собранието треба само да го верификува составот со двотретинско и Бадентерово мнозинство, но врз основа на претходно изготвени ранг-листи и ждрепка за пензионираните судии и номинираните адвокати (кои за времетраење на мандатот ќе ја замрзнат својата лиценца), со задолжително право на вето од страна на меѓународните набљудувачи. Дополнително, секој кандидат за член на ова тело мора да помине низ претходен строг имотен и безбедносен ветинг од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата и финансиското разузнавање, кој ќе гарантира нула проценти деловна или семејна поврзаност со активните судии, обвинители или функционери од извршната власт.

Кога вака поставеното тело ќе започне со работа, оценувањето не смее да се сведува на досегашната формална статистика и задоволување норми преку лесни предмети. Клучниот критериум мора да биде квалитетот на одлуките и процесна дисциплина. Секој судија и обвинител мора да биде ценет според процентот на укинати или преиначени одлуки на повисоките инстанци, правната издржаност на образложенијата и, она што е најважно, спречувањето на намерните процесни саботажи. Секое застарување на предмет за висока корупција или организиран криминал под надлежност на одреден судија или обвинител мора автоматски да повлекува вонредна евалуација и истрага за причините за одолжувањето.

Покрај процесниот квалитет, вториот суштински столб на евалуацијата мора да биде постојаната проверка на имотот и интегритетот. Не може еден судија или обвинител со просечна државна плата да поседува имот кој неколкукратно ги надминува неговите официјални примања, а притоа да се повикува на судиска независност. Диспропорцијата меѓу пријавениот имот на судијата и неговото потесно семејство и нивните реални приходи мора да биде директен основ за автоматско прекинување на функцијата и активирање соодветна постапка.

Евалуацијата која има за цел да донесе правда, мора да има јасни и бескомпромисни последици. Позитивната оценка треба да биде единствениот услов за кариерно напредување, додека утврдената неспособност, намерното одолговлекување предмети, партиската поврзаност, поврзаноста со бизнис-круговите или нерегуларностите во врска со нивниот имот мора да завршуваат со трајно одземање на можноста за правораздавање. Без ваков строг, објективен и независен филтер, сите приказни за реформи во правосудството ќе останат само уште една лошо изиграна претстава, во која истите глумци зад кулисите го делат истиот затекнат колач, додека правдата продолжува да чека пред затворените врати на судниците.

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)

ИЗДВОЕНИ