Настапот на шпанскиот тенисер Карлос Алкарас на последниот гренд слем турнир во сезоната, САД Опен, е сè понеизвесен. Тоа доаѓа откако водечки експерт за спортска наука и превенција на повреди предупреди дека враќањето на теренот директно на последниот гренд слем во сезоната би можело да биде премногу ризично за шпанскиот тенисер.
Алкарас повеќе од четири месеци е надвор од терените поради сериозна повреда на зглобот, а во моментов нема потврдено настап на ниту еден турнир пред САД Опен. Токму поради тоа, сè погласни се процените дека Алкарас би можел да го одложи својот кам-бек на терените. Враќање по толку долга пауза директно на „Флешинг Медоуз“ би било исклучително тежок тест, особено поради специфичните услови во Њујорк.
Стивен Смит, основач и извршен директор на „Китман лабс“, компанија специјализирана за спортска наука и анализа на перформанси, изјави дека би бил изненаден доколку се појави Алкарас на САД Опен.
– Мислам дека САД Опен ги обединува речиси сите ризици за здравјето и благосостојбата на спортистот: екстремните топлина и влажност во Њујорк, најтврдата подлога во тенисот и мечевите на три добиени сета, кои може да траат четири-пет часа – изјави Смит.
Според него, дополнителен проблем би можел да биде фактот што Алкарас, по долгата пауза, веројатно би морал да помине низ повеќе долги натпревари за да ја достигне потребната форма.
– За играч што толку долго бил надвор од теренот очекувате дека би одиграл повеќе сетови отколку што би било потребно токму поради талентот што го поседува.
Кога станува збор за некој што заздравува по проблемите со меките ткива или со коските, подлогата на САД Опен нуди најмалку заштита во споредба со другите гренд слемови – додаде експертот.
Алкарас има блескава кариера зад себе, а на САД Опен ја брани титулата освоена минатата година, кога во финалето го совлада најголемиот ривал, Јаник Синер.












