Голем скандал ја обележа победата на Елина Свитолина над Арина Сабаленка во полуфиналето на турнирот во Индијан Велс. Иако вниманието првично беше насочено кон големиот тениски дуел, по натпреварот во центарот на вниманието се најде реакцијата на белоруската тенисерка, која беше снимена од камерите како бесно изговара пцости на руски јазик.

Снимката експресно се прошири на социјалните мрежи, а дел од корисниците почнаа да ги анализираат нејзините зборови и движењата на усните. Според толкувањата што доаѓаат од украинската страна, Сабаленка наводно упатила тешки навреди кон Украинците, а се појавија и тврдења дека директно ја навредила Свитолина.

Меѓу верзиите што се споделуваат се и навредливите зборови „Тие е**ни Украинци, е**те се“, како и уште подиректна порака во која наводно ја нарекла Свитолина со погрден збор. Сепак, важно е да се нагласи дека не се независно потврдени овие толкувања и не е утврдено што точно изговорила белоруската тенисерка.

По лавината реакции, Сабаленка реши да се огласи преку „Инстаграм“ и да објасни што се случило. Таа категорично негираше дека бил насочен нејзиниот коментар кон украинската противничка.

  • Мојот коментар не беше упатен кон Елина. Бев фрустрирана од мала група гледачи, кои агресивно се радуваа за моите грешки, па во тој момент реагирав емотивно – објасни Сабаленка.

Белорусинката призна дека можела поинаку да ја изрази својата фрустрација и им се извини на сите што, можеби, ги навредила. Воедно, ја пофали играта на Свитолина и ѝ посака успех во продолжението на турнирот.

Дополнителна тежина на целата ситуација ѝ даваат политичката и воената заднина. Од почетокот на руската инвазија врз Украина во 2022 година, Свитолина одбива да се ракува со тенисерките од Русија и од Белорусија.

Така беше и овој пат: двете тенисерки не се ракуваа по завршувањето на полуфиналето. Наместо само спортска приказна за голема победа, дуелот доби и скандалозна завршница, која предизвика бројни реакции во тенискиот свет.

ИЗДВОЕНИ