петок, август 14, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Еден сребрен и две бронзени медали за Македонија на Интернационалната олимпијада по...

Еден сребрен и две бронзени медали за Македонија на Интернационалната олимпијада по информатика

0

Нов голем успех постигнаа најталентираните македонски информатичари во Ташкент, Узбекистан, каде се се одржува 38-мата по ред Интернационалната олимпијада по информатика (ИОИ 2026), најпрестижниот светски натпревар за средношколци во областа на алгоритамското програмирање. Македонскиот тим го сочинуваат натпреварувачите Дамјан Давков од Штип, Владимир Грчев од Кочани, Никола Стојковски од Скопје и Виктор Максимоски од Гостивар, предводени од тим лидерите д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

Во исклучително силна меѓународна конкуренција, Дамјан Давков, освои сребрен медал, додека Владимир Грчев и Никола Стојковски освоија бронзени медали. Виктор Максимоски, пак, освои олимписка пофалба.

Натпреварите се одржуваат преку системот mendo.mk кој е достапен во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи. И годинава, циклусот натпревари беше организиран со поддршка на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), како и неколку општествено одговорни компании: Сорсикс, Нетцетера и Семос едукација.

Посебно значење има успехот на Дамјан Давков, ученик од Математичко-информатичката гимназија, за кого ова е трет последователен сребрен медал на олимпијада, а во првото од неговите 4 учества освои бронзен медал. Со новиот успех, Давков се издвојува како најуспешниот македонски учесник во историјата на ИОИ, со вкупно четири медали од ова престижно натпреварување.

За Владимир Грчев од училиштето Јахја Кемал и Никола Стојковски од Математичко информатичката гимназија ова е прво учество на ИОИ, што нивниот успех го прави особено значаен. Уште при дебито, двајцата успеаја да освојат бронзени медали, а нивниот резултат е силна потврда дека Македонија има нова генерација талентирани млади информатичари способни за врвни меѓународни остварувања.

Според изјавата на проф. Јованов со овогодишните три медали, од првото учество во 1996 година до сега, Македонија има освоено вкупно 7 сребрени, 26 бронзени медали и 5 олимписки пофалници на ИОИ. (Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ