петок, август 14, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Најтежок ден со пожарите ова лето: Огнот стигна до куќите во Богомила,...

Најтежок ден со пожарите ова лето: Огнот стигна до куќите во Богомила, загрозени и пелагониските села

Пожарите го загрозија Богомила и пелагониските села: 40 пожари на отворено, шест активни

27
Ангелов: Благодарение на брзата реакција на пожарникарите и локалното население, пожарот кај Богомила е локализиран и изгаснат

Еден од најтешките денови ова лето во справувањето со пожарите во земјава беше вчерашниот, кога на територијата на Македонија избувнаа голем број пожари на отворен простор.

Огнот стигна и до првите куќи во Богомила, но благодарение на брзата реакција на пожарникарите, локалното население и екипите од Велес, пожарот најпрво беше локализиран, а потоа и целосно изгаснат.

Ова го истакна директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, кој посочи дека најтешка била ситуацијата во Пелагонискиот Регион, каде што огнот ги загрозил селата Ивањевци, Лознани и Новоселани.

„Доцна попладнето пристигнавме во село Лознани и она што го затекнавме беше застрашувачко. Огнот беше на само 50 метри од куќите, зафатил висока сува трева и се движеше кон објектите“, изјави Ангелов.

Според него, гаснењето било особено тешко поради големата линија на огнот. Во акцијата значаен придонес дало и локалното население, а бил ангажиран и тим за брзо распоредување составен од 20 припадници на доброволното противпожарно друштво „Архангел“ од Битола. Тие помогнале во гаснењето на преостанатите линии на пожарот.

Ангелов упати посебна благодарност до локалното население за несебичната помош во справувањето со огнената стихија. Во пожарите едно лице се здобило со изгореници и е хоспитализирано.

Посебно го истакна и придонесот на локалниот земјоделец Александар Чепиговски од село Ивањевци. Тој со својот трактор, изложувајќи се на голем ризик, орал директно низ линијата на огнот и на повеќе места го спречил неговото ширење.

Според последните информации од Центарот за управување со кризи, до 7:30 часот утрово биле регистрирани вкупно 40 пожари на отворен простор. Од нив, шест се активни, три се под контрола, а 31 пожар е изгаснат.

Шест активни пожари

Активни пожари има во општините Студеничани, Македонски Брод, Битола, Новаци, Крушево и Велес.

Во Студеничани гори мешана шума над селата Моране, Вртекица и Рамни Габер. Во Македонски Брод, кај местото Видуш и селото Драгов Дол, зафатени се ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки.

Пожар е активен и во селото Лопатица, општина Битола, каде што гори ниска вегетација, како и во општина Новаци, во селата Маково, Мојно и Брник, каде што се зафатени ниска вегетација и деградирана шума.

Во Крушево пожарот се шири на потегот од селото Алданци до селото Норово, каде што гори нискостеблеста деградирана дабова шума. Активен е и пожарот во селото Слп, општина Велес, каде што е зафатена шума.

Три пожари се ставени под контрола – на депонијата во Делчево, во селата Лознани и Вашарејца во општина Могила и во селото Копанце, општина Јегуновце.

Центарот за управување со кризи информира дека во текот на денот се изгаснати и 31 пожар во повеќе општини низ земјава, меѓу кои Сарај, Прилеп, Кривогаштани, Крушево, Долнени, Ново Село, Василево, Охрид, Струга, Кичево, Чашка, Велес, Кавадарци, Куманово, Липково, Јегуновце, Тетово, Врапчиште и Гостивар.

ИЗДВОЕНИ