Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун доби дополнителни уставни овластувања, вклучително и команда над нуклеарните сили, додека истовремено тој ги повика воените команданти да ги засилат подготовките за можна војна.
Овие промени доаѓаат во услови на затегнати односи со Јужна Кореја – земја со која Пјонгјанг сега официјално се откажа од целта за повторно обединување, пренесува LADbible.
Северна Кореја неодамна повторно го објави текстот на својот устав, речиси три години откако тој беше отстранет од нејзината официјална веб-страница. Документот, изменет во март оваа година, дополнително ја зацврстува власта на Ким.
На Ким му се доделени проширени овластувања
Изменетиот устав му дава на Ким Џонг Ун право на вето врз одлуките на парламентот, како и овластување да ги разрешува пратениците кои ја изгубиле довербата на јавноста. Како претседател на Комисијата за државни работи, тој добива изречно овластување да командува со нуклеарните сили, при што има право да го пренесе овластувањето за употреба на нуклеарно оружје на одредено воено тело.
Овие промени дополнително ја зацврстуваат неговата позиција на чело на државата, која технички сè уште е во војна со Јужна Кореја. Корејската војна заврши во 1953 година со примирје, но никогаш не беше потпишан мировен договор.
Северна Кореја се откажува од обединувањето
Ревидираниот устав повеќе не содржи одредби кои се однесуваат на повторното обединување на двете Кореи; наместо тоа, Јужна Кореја се дефинира како посебна држава. Ова потврдува промена во политиката на Пјонгјанг – промена што Ким ја најави уште кон крајот на 2023 година.
„Амандманот на севернокорејскиот устав го одразува она што го знаеме веќе три години: Северна Кореја не сака да има никаква врска со Јужна Кореја“, изјави за Њузвик, Едвард Хауел, автор на книгата „Нова оска на превирања: Северна Кореја, Русија, Кина, Иран“.
Јужнокорејскиот претседател Ли Џе-мјунг повика на воспоставување траен мир, но Пјонгјанг ги отфрла сите обиди за зближување меѓу двете држави.
Ким Џонг Ун претходно изјави дека Северна Кореја нема апсолутно никаква работа со Јужна Кореја. Хауел смета дека, преку ова, Пјонгјанг јасно става до знаење оти нема интерес за напорите на јужнокорејската влада за обновување на односите.
Ким ja повика војската да се подготви за војна
Тензиите дополнително се зголемија во последните недели поради воените активности на Северна Кореја. Според извештаите, Пјонгјанг тестирал балистички ракети, а претходно овој месец, во близина на границата со Јужна Кореја, биле забележани тенкови.
Сестрата на Ким исто така се закани со „немилосрдно уништување“, додека севернокорејскиот лидер побара од воените команданти да ја зголемат борбената готовност на своите единици.
„Примарна револуционерна задача за командантите на чети е да ги завршат борбените подготовки на своите единици, така што тие ќе бидат целосно подготвени за војна. Ова мора да се постигне преку значително интензивирање на воената обука“, изјави Ким, пренесува *Index*.
Тој додаде дека неговата крајна цел е да изгради најсилна можна војска и да ја забрза нејзината модернизација. Уставните измени дополнително ја зацврстија неговата контрола врз вооружените сили, вклучително и врз нуклеарниот арсенал.












