Првата тенисерка на светот, Арина Сабаленка, доживеа шокантен пораз на Мастерсот во Рим, откако беше елиминирана од Сорана Кирстеа во три сета. Но, повеќе од самиот пораз, внимание привлече нејзината физичка состојба.
Белорусинката видливо се мачеше на теренот и во текот на мечот побара медицински тајм-аут. По натпреварот призна дека не била на своето препознатливо ниво.
- Одлично почнав, но потоа следеше голем пад. Чувствував дека моето тело ме ограничува, а Кирстеа тоа одлично го искористи, истакна светскиот рекет број 1.
И покрај разочарувањето, Сабаленка спортски ѝ честиташе на противничката. Таа посебно ја пофали борбеноста на романската тенисерка.
- Сорана никогаш не се откажува и многу ја почитувам поради тоа, истакна Сабаленка.
Белорусинката откри и со каков проблем се соочува. Станува збор за болка во долниот дел на грбот и колкот, што ѝ ја ограничувало ротацијата при ударите.
- Веројатно проблемот е поврзан со лумбалниот дел и колкот, објасни таа.
Токму тоа било причината за падот во играта во текот на мечот. Сабаленка најави кратка пауза и третмани за закрепнување.
- Ќе одморам неколку дена и ќе работиме на рехабилитација, порача тенисерката.
Засега, таа не најавува повлекување од Ролан Гарос. Сепак, нејзината состојба сигурно ќе биде внимателно следена пред стартот на Гренд слемот во Париз.
Фановите се надеваат дека Сабаленка брзо ќе се опорави и повторно ќе биде во препознатлив шампионски ритам.











