Министерството за правда денеска прави нов обид да ја деблокира работата на Работната група за измени на Изборниот законик, а по што ќе биде појасно што да се прави понатаму. За денеска во 13 часот е закажана новата средба на партиските претставници во ова тело во обид да се продолжи со работата. Досега, откако најголемата опозициска партија, СДСМ, донесе одлука да не учествува во работата поради незадоволството од укинувањето на пржинската влада, не се одржаа две средби.
До Министерството за правда до минатат недела не било доставено писмено известување од СДСМ за напуштање на работната група.
Според најавите, тешко може да се очекува дека на закажаната седница ќе се појават претставниците на опозициските социјалдемократи. Оливер Спасовски, член на работната група од редовите на СДСМ, минатата недела изјави за весникот ВЕЧЕР дека ставот за неучеството останува ист и не го смениле.
По ова, останува дилемата дали денеска, во случај на недоаѓање на претставниците на оваа опозициска партија, групата ќе продолжи со работа или, пак, ќе се случи одложување.
Од Министерството за правда потсетуваат дека Изборниот законик се носи со консензус на членовите на меѓупартиската работна група. Такво нешто е предвидено во донесениот Деловник, откако е постигнат договор сите одлуки да се носат со консензус, а седниците да се одржуваат доколку е присутно мнозинството од членовите.
Министерот за правда, Игор Филков, кој претседава со групата, по неодамнешното неодржување на средбата предупреди дека секое блокирање на процесот значи и блокада на реформската агенда.
– Со досегашното неодговорно однесување на СДСМ и неучеството во работната група за реформа на изборното законодавство, директно е загрозено добивањето на 4.281.000 евра, а со блокадата на Законот за Јавно обвинителство, дополнителни 6.422.000 евра. Тоа се пари кои може да го олеснат реформскиот процес и да ги подобрат состојбите во правосудството – нагласи Филков. (Б.Ѓ.)












