недела, јуни 28, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА „КОГА ВИДЕЛЕ ДЕКА СЕ ШИРИ ПОЖАРОТ, ПРВИ ИЗБЕГАЛЕ“

„КОГА ВИДЕЛЕ ДЕКА СЕ ШИРИ ПОЖАРОТ, ПРВИ ИЗБЕГАЛЕ“

Почнува судењето за полицајците обвинети за „Пулс“, семејствата побараа одговорност на „Марш на ангелите“

1045

Во Основниот кривичен суд денеска започнува судскиот процес против 13-мина полициски службеници обвинети за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која лани на 16 март загинаа 63 млади луѓе. Судењето почнува во момент кога семејствата на жртвите сè погласно бараат институционална одговорност, а токму улогата на полицијата беше една од централните теми и на последниот „Марш за ангелите“ во Кочани.

Според обвинението, полицајците како соизвршители го сториле кривичното дело тешки дела против општата сигурност, бидејќи кобната вечер не презеле соодветни мерки за заштита на присутните, ниту спречиле активирање на пиротехничката опрема на сцената, иако употребата на пиротехника не била пријавена во полициската станица Кочани.

Токму за ова, по 42. пат, семејствата на загинатите повторно излегоа на улиците во Кочани, порачувајќи дека нема да запре нивната борба додека не се утврди целосна одговорност за трагедијата. На маршот, тие застанаа пред полициската станица, обвинувајќи дека службените лица не реагирале ниту кога започнал пожарот ниту при евакуацијата на младите од дискотеката.

– Што точно правеле службените лица во тие клучни моменти? Тие немо стоеле и ги блокирале вратите на единствениот влез-излез и кога увиделе дека се шири пожарот, први кукавички избегале да спасат глава. Ова е институционален пораз во најкритичниот момент – рече Розета Блажева.

Според семејствата, судењето е тест дали институциите, конечно, ќе покажат подготвеност да се соочат со сопствените пропусти или одговорноста повторно ќе остане ограничена само на пониските структури.

Во име на семејствата, Марија Патрушева порача дека без правда, нема ниту европски вредности ниту доверба во државата.

– Како точно планирате да стигнете до Европа ако со години не успевате да стигнете ни до сопствената одговорност? Нема европска иднина без правда. Нема достоинство во држава каде што родителите мора да маршираат за да бидат слушнати – рече Патрушева.

Случајот со пожарот во „Пулс“ останува еден од најтешките и најчувствителни судски процеси во поновата македонска историја. За јавноста, но и за семејствата на жртвите, судењето против полицајците не е само прашање на индивидуална вина туку и одговор на прашањето дали е подготвена државата да признае и санкционира институционален неуспех што однесе 63 млади животи.

Маршот во Кочани, кој се одржува речиси секоја сабота по трагедијата, прерасна во симбол на отпорот против заборавот и против чувството дека трагедиите во Македонија премногу брзо се претвораат во статистика. Семејствата порачуваат дека нема да дозволат нивните деца да бидат сведени на бројка и дека ќе продолжат да бараат правда – целосна, а не селективна. (П. А.)

ИЗДВОЕНИ