Русија ги засилува нападите врз украинските центри за податоци – објекти што се клучни за функционирањето на бројни дигитални услуги. Ова го отвора прашањето дали Украина би можела да остане без пристап до интернет и колку би можела да ги чини корисниците стабилната интернет-врска во иднина.
Иако хакерските напади и прекините во снабдувањето со електрична енергија претходно претставуваа едни од најголемите закани за украинските центри за податоци, сега на мета се и самите објекти во кои се сместени серверите.
Од почетокот на септември, Русија систематски ги напаѓа центрите за податоци. Дигиталната инфраструктура во Киев и во други делови од земјата веќе ги почувствува последиците. Според „Дојче веле“, по одредени напади, привремено биле прекинати емитувањата на неколку телевизиски канали и услугите за стриминг, а проблеми пријавиле и претплатници на некои кабелски оператори.
Зошто Русија ги напаѓа центрите за податоци?
Центрите за податоци се објекти каде што се складираат и обработуваат огромни количества податоци. Во нив се сместени серверите, системите за складирање податоци и мрежната опрема што овозможуваат непречено функционирање на бројни онлајн услуги.
На оваа инфраструктура се потпираат информативните портали, владините регистри, онлајн банкарството, „клауд“ услугите, телефонските системи и корпоративните мрежи. Следствено, оштетувањето на еден центар за податоци може да влијае на повеќе од само пристапот до интернет; тоа може да доведе до прекин на широк спектар секојдневни услуги.
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, изјави дека со нападите врз големите украински центри за податоци, Русија се обидува да го попречи протокот на информации. Според него, Москва, соочена со неуспехот да ги постигне своите цели на бојното поле, бара нови начини за дестабилизација на секојдневниот живот во Украина.
И покрај обемот на нападите, експертите сметаат дека целосен прекин на интернетот во Украина е малку веројатен.
Експертот за телекомуникации Олександар Хлушченко објаснува дека пазарот за интернет-услуги во Украина е високо децентрализиран. Поради релативно ниските бариери за влез на пазарот, голем број компании со години нудат интернет-услуги.
Просечниот корисник во Украина може да избира меѓу повеќе провајдери, при што во некои станбени згради се достапни и до десет различни оператори. Според Хлушченко, таквата конкуренција придонела за развој на висококвалитетна интернет-инфраструктура.
Сепак, физичкото уништување на делови од мрежата може да доведе до прекин на услугите кај одредени оператори сè додека не се поправи оштетената инфраструктура. Сличен став изнесе и Олександр Федиенко, член на парламентарната комисија за национална безбедност, одбрана и разузнавање.
„Дали интернетот ќе исчезне во Украина? Се разбира дека не. Ќе дојде до реорганизација на инфраструктурата и воспоставување на резервни локации“, напиша Федиенко на Фејсбук.












