Франција и Германија бараат Европската Унија до крајот на 2026 година да постигне договор за седумгодишниот буџет за периодот 2028–2034 година, како и за продолжување на финансиската поддршка за Украина. Целта е преговорите да завршат пред серијата избори што следната година ќе се одржат во неколку земји-членки, меѓу кои Франција, Италија и Полска, објавува „Ројтерс“.
Францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц сметаат дека договорот треба да биде постигнат до 31 декември, бидејќи изборните процеси во 2027 година би можеле дополнително да ги отежнат преговорите. За усвојување на седумгодишната финансиска рамка е потребна едногласна согласност од сите 27 земји-членки.
Според актуелниот предлог, буџетот на ЕУ би изнесувал 1,582 трилиони евра, од кои околу 740 милијарди евра би биле наменети за земјоделството и поддршка на посиромашните региони, додека 140 милијарди евра би биле издвоени за отплата на долгот создаден за време на пандемијата.
Едно од најспорните прашања е финансирањето на Украина. Предлог-буџетот предвидува до 100 милијарди евра помош за Киев во периодот 2028–2034 година, додека за 2027 година ЕУ планира заем од 45 милијарди евра, кој би се отплаќал откако Русија ќе исплати воени репарации.
Словачка, Чешка, Унгарија и Бугарија се противат на учеството на сите земји-членки во заемот за Украина. Германија, пак, инсистира на заедничка одговорност на сите 27 држави, при што Мерц предупреди дека европската поддршка за Украина е поврзана со поширокиот буџетски договор.
Дополнително, се очекува земји надвор од ЕУ, меѓу кои Велика Британија, Норвешка, Јапонија, Швајцарија и Канада, да обезбедат уште 25 милијарди евра за Украина во 2027 година.
Преговорите во Брисел засега не донесоа конкретен договор, но се очекува претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, во наредните недели да претстави нов предлог. Лидерите би можеле повторно да разговараат за финансиската рамка на состанокот закажан за 17 и 18 декември.
Покрај помошта за Украина, поделби меѓу земјите-членки постојат и околу распределбата на европските средства. Побогатите земји, кои се нето-придонесувачи во буџетот, бараат поголем фокус на конкурентноста на ЕУ во однос на САД и Кина, додека земјите кои добиваат повеќе средства отколку што уплаќаат инсистираат на задржување на поддршката за земјоделството и посиромашните региони.












