Турција го суспендираше безвизниот режим за граѓаните на Црна Гора, со указ на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, објавен во турскиот службен весник. Веста ја објави турскиот телевизиски канал Т24.
Со оваа одлука се прекинува договорот од 2008 година, со кој на граѓаните на двете земји им беше овозможено меѓусебно патување без визи. Новата мерка се однесува на носителите на обични црногорски пасоши, кои отсега ќе мора да обезбедат виза за влез во Турција.
Одлуката на Анкара доаѓа по промените во визната политика на Црна Гора, која на 1 ноември воведе визи за турските државјани. Подгорица тогаш објасни дека мерката е дел од усогласувањето на својата визна политика со правилата на Европската Унија, кон чие членство се стреми.
Тензиите меѓу двете земји се зголемија кон крајот на октомври 2025 година, по инцидент во подгоричката населба Забело, во кој црногорски државјанин беше избоден во тепачка. Првичните медиумски извештаи ги поврзаа осомничените со турски државјани, што предизвика протести и напади врз автомобили, ресторани и продавници поврзани со турската заедница.
Црногорската влада привремено го суспендираше безвизниот режим за турските граѓани, додека Анкара побара од Подгорица да ја гарантира нивната безбедност и права.
Подоцнежната истрага утврди дека двајцата приведени турски државјани, кои првично беа осомничени за нападот, не учествувале во него.
На 23 декември 2025 година, Црна Гора повторно го воспостави безвизниот режим за турските државјани, но го намали дозволениот престој од 90 на 30 дена.












