Дрон со непознато потекло накратко го наруши воздушниот простор на Латвија во раните утрински часови, соопштија вооружените сили на земјата. Ова претставува уште еден инцидент што вклучува нарушување на воздушниот простор на земја-членка на Европската унија и НАТО.
Како одговор, НАТО распореди борбени авиони и беспилотно летало за пресретнување, а за источната општина Луџа беше издадено привремено предупредување поради можно нарушување на воздушниот простор.
Подоцна, предупредување за закана од пониско ниво беше издадено и за општината Балви, која се наоѓа северно од Луџа, но сепак, во меѓувреме и двете предупредувања се укинати.
Инцидентот се случи во момент кога руската Ленинградска област беше цел на напад со беспилотни летала. Според регионалниот гувернер Александар Дрозденко, соборени се повеќе од 40 беспилотни летала.
Навлегувањето во латвискиот воздушен простор дополнително ја зголеми загриженоста за можното прелевање на војната во Украина надвор од нејзините граници, додека Москва и Киев продолжуваат редовно да разменуваат напади.
Сличен инцидент се случи и во Полска, која во вторникот ја обвини Москва за намерно нарушување на нејзиниот воздушен простор, откако руско беспилотно летало за набљудување накратко ја премина границата.












