Првиот роман за деца и млади од Лидија Димковска, насловен „Тринаесетиот“, во издание на издавачкиот центар „Три“, вчеравечер беше промовиран во „Јуроп хаус“ во присуство на голем број љубители на пишаниот збор.
Промоторки на настанот беа проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска и Виолета Танчева-Златева, кои преку разговор со авторката, на присутните им ги доловија значајните теми што ги отвора книгата. Прашањата за неприфаќањето, миграцијата, човечките морални вредности, општествените, социјалните и семејните проблеми, климатските промени, екологијата итн., беа дискутирани низ ликовите и дејството во романот.
–Ако некогаш сонуваш висококатница, ја сонуваш токму зградата на месеците од овој роман. Во неа се живее како насекаде – со смеа, гушкање, плукнати змијулчиња (што?!), но и со неправди, караници, лутење, осаменост. Ако мислеше дека не можеш да смениш ништо, со оваа книга можеш да смениш сè – и во соновите и во светот.
Во својот прв роман за (мали и големи) деца, Димковска ги спојува традицијата со современоста, народните приказни со „Чет-ГПТ“, „Јутјуб“, „Инстаграм“… – и создава урнебесна приказна што слатко ќе те насмее и длабоко ќе те замисли. Дали секој од нас понекогаш не е „тринаесеттиот“?
Разговорот на завчерашниот настан откри дека станува збор за повеќеслоен и модерен роман напишан на јазик што им е разбирлив на денешните генерации, но кој истовремено ги учи и на некои подзаборавени, архаични зборови и поговорки.
„Тринаесеттиот“ се издвојува со својата иновативност и длабочина. Зборувајќи за теми што вообичаено ги избегнуваат романите за деца и млади, Лидија Димковска прави пресврт во своето творештво. Ова е роман што раѓа романи, во кој читателите, преку одговори на прашањата поставени од авторката, создаваат еден нов однос со себеси.
Авторката, која важи за една од најпреведуваните домашни писателки и е добитничка на многубројни домашни и меѓународни награди, со своето најново дело привлече големо внимание.
Настанот го одбележа и сценскиот настап на младите членови на Актерската школа на Весна Петрушевска, кои театарски изведоа дел од романот.
На настанот беа присутни македонски писатели, критичари и новинари, а дел од публиката беше и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која настанот го опиша како „инспиративна и вдахновна промоција“.
Билјана Црвенковска,пак, за романот ќе рече: „Тринаесеттиот“ на Лидија Димковска е роман кој ќе ве изненади во секој поглед! И не само затоа што претставува неочекувано и длабоко нурнување на авторката во литературата за млади, туку и поради флуидноста на жанрот (фантастика и бајка), поради „прачетовскиот“ хумор и бруталното соочување со темите што се неизоставен дел од современото општество…












