Музејската едукативна сликовница „Македонките во битка – вистински приказни“ од авторките Ана Вишинова, музејски едукатор, и Даниела Митевска, кустос, ќе биде промовирана во Музејот на македонската борба за самостојност в среда, 4 март, со почеток во 12:00 часот.
Посветена им е на македонските жени – ајдутки, комитки и партизанки, жени што никогаш не биле пасивни набљудувачи на историјата, туку активни учесници во борбата за човекови права и слобода. Сликовницата ги става во фокусот улогата и значењето на жените, кои не се сведуваат само на убавината, истрајноста, пркосот и на храброста туку и на нивната способност да се вклучат во борбата и да влијаат врз клучните цивилизациски процеси.
Изданието е инклузивно четиво на македонски и на англиски јазик наменето за збогатување на дополнителните материјали за наставата по историја и е продолжение на претходните изданија „Зад големата мисла“ (2019), посветено на создавањето на МРО, и „Пламен и непокор“ (2022), посветено на Илинденското востание.
Проектот е дел од годишната програма за остварување на националниот интерес во културата на Министерството за култура и туризам за 2025 година.












