
По нападите на САД и на Израел врз Иран и одмаздничките напади низ Блискиот Исток, многумина стравуваат дека ситуацијата би можела да ескалира во тотална војна. Војната меѓу Русија и Украина, како и стравувањата дека Кина би можела да го нападне Тајван, исто така, се гледаат како потенцијални искри на глобален конфликт.
Во случај на трета светска војна, многу земји би биле лесни цели за напади насочени кон најголемите популации и економии. Сепак, постојат и места што би можеле да понудат заштита од нуклеарна, како и од политичка катастрофа. Британскиот весник „Метро“ посочува 11 дестинации што имаат потенцијал да понудат засолниште.
Антарктик – Огромното пространство со мраз, далеку од повеќето земји, го прави очигледен избор. Сепак, екстремните услови за живот претставуваат сериозен предизвик – можеби, ќе може да избегнете нуклеарен напад, но не и суровата клима.
Исланд – Иако е студен и со тешка клима, Исланд никогаш не учествувал во модерните војни, ниту бил цел на инвазија (без да ги сметаме викиншките напади). Поради својата изолирана локација, се смета за едно од помирните места во светот.
Нов Зеланд и Австралија – Истражувачката новинарка и авторка Ени Јакобсен, во интервју со Стивен Бартлет во поткастот „Дневникот на еден извршен директор“, истакна дека Австралија и Нов Зеланд би можеле да бидат меѓу ретките места на јужната хемисфера способни да го одржат земјоделството во случај на нуклеарна зима.
Тувалу – Малата островска нација во Пацификот со околу 11.000 жители би можела да остане на маргините на глобалните конфликти, со оглед на изолираната положба.
Аргентина – Има значителни резерви на пченица и развиено земјоделство, што би ѝ овозможило да преживее подолг период без надворешна помош.
Бутан – Државата прогласи неутралност во 1971 година. Планинскиот терен дополнително ги комплицира можните воени операции.
Швајцарија – Позната по својата долгогодишна неутралност, Швајцарија традиционално избегнува вклучување во меѓународни конфликти.
Индонезија – Земјата во голема мера се држи настрана од глобалните конфликти и се стреми да промовира мировни иницијативи.
Чиле – Долгата крајбрежна линија и богатите природни ресурси го прават Чиле потенцијално одржливо во време на криза.
Фиџи – Островска земја далеку од големите сили, со богати шуми и со минерални ресурси.
Јужна Африка – Има земјоделско земјиште, храна и извори на вода за пиење, кои би можеле да ѝ овозможат да биде самоодржлива во кризни околности.











