Кошаркарскиот клуб Црвена звезда доби ново засилување под кошевите, откако го ангажираше камерунскиот центар Кристијан Колоко. Кошаркарот висок 211 сантиметри ќе биде првиот Камерунец што ќе го облече црвено-белиот дрес, а се очекува да дебитира на некој од наредните натпревари.
Инаку, интересна приказна се поврзува за овој кошаркар. Имено, тој се појави на НБА-драфтот во 2022, а неговиот пат до најсилната кошаркарска лига во светот воопшто не бил лесен, а клучна улога во неговата приказна одиграла неговата сестра Стефани.
Роден во Дуала, Камерун, Колоко во детството речиси и не ги познавал основните кошаркарски правила. Во неговата средина, фудбалот и атлетиката биле многу попопуларни, но тој се вљубил во кошарката играјќи со пријателите на училиште.
- Почнав да играм со пријателите, чисто за забава. Дури ни правилата не ги знаевме. Само ја фрлавме топката кон обрачот и трчавме со неа во рацете, без да дрибламе, раскажа Колоко.
Неговата судбина се променила кога сестра му одлучила да плати за еден месец кошаркарски тренинзи, но набрзо се откажала. Кристијан веднаш побарал да го заземе нејзиното место, а тој момент се покажал како пресуден за неговата иднина.
Голем чекор напред направил во 2017 година, кога учествувал на кампот „Кошарка без граници“ во Јоханесбург. Таму имал можност да учи од врвни кошаркарски тренери, меѓу кои и Стив Кер и Мајк Мелоун, а искуството му помогнало да го направи следниот чекор кон Америка.
Иако неговите родители првично не сакале да го испратат во САД, повторно интервенирала сестра му. Таа живеела во Лос Анџелес, му пронашла училиште и му помогнала финансиски да го оствари сонот. Така Колоко завршил на познатиот универзитет „Сиера Кањон“. Таму тренирал со млади кошаркари кои подоцна стигнале до НБА, а имал можност да добива совети и од легендарниот Скоти Пипен и поранешниот НБА-играч, Кенјон Мартин.
- На почетокот бев исплашен и во шок, но со текот на времето, се навикнав. Скоти Пипен ми даваше совети, особено за време на подготовките за драфтот, откри центарот.
Од момче кое во Камерун играло кошарка без да ги знае правилата, Колоко стигна до НБА, а сега добива нова шанса да се докаже во европската кошарка. Неговото доаѓање во Белград носи големи очекувања, а навивачите на Црвена ѕвезда се надеваат дека физичките предиспозиции и досегашното искуство ќе му помогнат да стане важен дел од тимот.











